Во наредните години „Mitsubishi Motors“ ќе понуди пикап, кој многу веројатно ќе биде базиран на моделот „Nissan Frontier“, со што ќе се врати во сегментот што го напушти откако моделот „Raider“, базиран на „Dakota“, се повлече од американскиот пазар пред повеќе од 15 години.
Врз основа на досега познатите информации, а имајќи ја предвид и актуелната финансиска состојба на „Nissan“, многу повеќе смисла би имало двете компании да развијат ново возило на постоечка платформа која се произведува во САД.
„Mitsubishi“ потврди дека претставувањето на пикапот е еден од следните чекори во рамките на својата иницијатива „Momentum 2030“, која опфаќа уште неколку модели, меѓу кои и електричниот „Eclipse EV“, базиран на „Leaf“.
„Во рамките на оваа стратегија, ‘Mitsubishi Motors’ исто така има намера да се врати во сегментот на пикапи во Северна Америка преку соработка со ‘Nissan’, со што дополнително ќе го прошири досегот и значењето на брендот на американскиот пазар“, се наведува во соопштението на компанијата.
„Mitsubishi“ потврди и дека наскоро ќе бидат познати повеќе детали за оживувањето на моделот „Montero“, кој на други пазари, вклучително и нашиот, се продава како „Pajero“.
Глобалната премиера е закажана за следната среда, 2-ри септември.



