ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАБудва или Саранда - разликата во цените може да биде голема

Будва или Саранда – разликата во цените може да биде голема

Кога едно македонско семејство ќе седне со калкулатор пред летување, морето брзо паѓа во втор план. Прво се гледа цената на апартманот, потоа горивото или автобусот, ручекот, лежалките, кафето, сладоледите за децата… И на крај доаѓа главното прашање: Албанија или Црна Гора?

И двете дестинации со години се меѓу изборите на македонските туристи, особено на оние што сакаат да стигнат до море со автомобил или автобус. Но, кога ќе се споредат трошоците за сезонава, Албанија сè уште има предност кај цените, иако разликата веќе не е толку голема како пред неколку години.

Актуелните туристички понуди на македонскиот пазар покажуваат дека кон крајот на август може да се најдат аранжмани за Ксамил по почетни цени од околу 250 до 285 евра, додека понудите за Сутоморе се движат околу 295 евра. За Будва има и поевтини варијанти, зависно од типот на сместување и терминот, што само покажува дека споредбата не може да се прави само според името на државата.

Сепак, кога ќе се споредат приближно исти категории на сместување и сличен начин на одмор, туристичките анализи за 2026 година ја ставаат Албанија пред Црна Гора по пристапност. Проценките се дека за исто ниво на одмор таа во просек може да биде поевтина за 25 до 40 проценти, особено кај храната, сместувањето и секојдневните трошоци.

Но, евтина Албанија како некогаш? Тоа веќе е друга приказна.

Познавачите на туристичкиот пазар посочуваат дека цените таму оваа сезона се зголемени, најмногу во популарните места како Ксамил, Саранда и Дерми.

„Цените во Албанија годинава се повисоки за околу 10 до 15 отсто“, е оценката на познавачи на туристичкиот пазар, кои растот го поврзуваат со огромниот прилив на странски гости.

Токму сместувањето може да направи најголема дупка во семејниот буџет. Во шпицот на сезоната, во јули и август, пристојна соба или апартман на албанското крајбрежје може да чини од 60 до 100 евра за ноќ, а во најбараните места и значително повеќе. За семејни апартмани во атрактивни термини сумите можат да надминат и 150 евра дневно.

Црногорското крајбрежје, особено Будва, Бечиќи и Котор, традиционално е поскапо. Приватно сместување може да се најде и по 35 до 50 евра на ден, но подобрите апартмани и хотелите во ударните летни недели лесно одат над 100 евра.

Од друга страна, туристичките работници во Црна Гора велат дека годинава немало драматичен скок.

„Оваа сезона Црна Гора имаше минимално поскапување“, посочуваат туристички работници, иако цените на самото крајбрежје и натаму се чувствително повисоки од оние во поевтините албански места.

Разликата се чувствува и кога ќе се седне во ресторан. Во Албанија кафе на крајбрежјето може да се најде за околу едно до едно и пол евро, пиво за два до четири евра, додека пиците најчесто се движат од седум до дванаесет евра. Во туристичките центри на Црна Гора истата сметка вообичаено е повисока.

За македонски турист што оди со автомобил постои уште една сметка. Албанија е поблиску за голем дел од земјава, особено ако изборот е Драч или Голем, додека до Будва, Бечиќи или Херцег Нови има повеќе километри и поголем трошок за пат. Автобускиот превоз од Скопје до Будва, на пример, ова лето се нуди по цена од околу 50 евра повратно, а до Улцињ околу 45 евра.

Затоа, ако единствениот критериум е паричникот, Албанија сè уште има мала, а во некои случаи и прилично убедлива предност. Но, Ксамил и Саранда веќе одамна не се синоним за летување за ситни пари.

Кој сака навистина евтино, ќе мора да бара малку подалеку од најпознатата плажа, да резервира порано или да го помести одморот за септември.

И тука обично се прави најголемата заштеда. Не на кафето од едно евро.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП