ПочетнаЕКОНОМИЈА„Goldman Sachs“: Гасот во Европа ќе мора да поскапи над 100 евра...

„Goldman Sachs“: Гасот во Европа ќе мора да поскапи над 100 евра за да се наполнат складиштата

Цената на природниот гас во Европа веројатно ќе мора да надмине 100 евра за мегават-час во декември за континентот да обезбеди доволно резерви за целата зима, прогнозира американската инвестициска банка „Goldman Sachs“.

И покрај неодамнешниот раст на цените на фјучерсите на берзата во Холандија, која е главен европски репер за цената на природниот гас, тоа можеби нема да биде доволно за кон Европа да се пренасочат потребните количини течен природен гас од Азија.

Аналитичарите Саманта Дарт и Лаура Сир, цитирани од „Bloomberg“, предупредуваат дека ситуацијата би можела дополнително да се влоши доколку нарушувањата во снабдувањето од Блискиот Исток продолжат и во следната година. Минатата недела фјучерсите достигнаа петмесечен максимум од над 65 евра за мегават-час.

Конфликтот меѓу САД и Иран го намали транспортот на енергенси низ Ормускиот Теснец на минимално ниво. Тоа ја зголеми конкуренцијата меѓу Европа и Азија за ограничените количини течен природен гас.

Европските земји вообичаено ги полнат резервите во текот на летото, пред почетокот на зимата, кога потрошувачката значително расте. Но оваа година процесот доцни.

Според „Goldman Sachs“, со сегашното темпо, складиштата во северозападна Европа до крајот на август ќе бидат исполнети до околу 51 отсто од капацитетот. Тоа е 3,4 процентни поени под основното сценарио на банката.

Аналитичарите предупредуваат дека со сегашните цени Европа нема да успее доволно да ги наполни складиштата пред зимата.

Ако извозот на енергенси од Блискиот Исток почне да се нормализира дури постепено во текот на 2027-ма година, „Goldman Sachs“ проценува дека цената на европскиот гас „TTF“ за декември 2026-та година би можела да надмине 100 евра за мегават-час.

Тоа би било двојно повисоко од основната прогноза на банката од 50 евра за мегават-час, односно околу 110 отсто над очекуваното ниво.

Една од ретките можни добри вести за Европа е времето. Доколку зимата биде потопла од просекот, побарувачката за гас би можела да се намали и делумно да го ублажи проблемот со недоволните резерви.

Според германската енергетска компанија „Uniper“, нејзините складишта во моментов се исполнети околу 70 отсто од договорениот капацитет. Главниот извршен директор Мајкл Луис изјави дека компанијата секојдневно купува гас и го складира таму каде што пазарните услови го прават тоа исплатливо.

Сепак, податоците покажуваат дека Германија е далеку под нивото од минатата година. Во четвртокот нејзините резерви биле нешто над 50 отсто од капацитетот, наспроти 76 отсто во истиот период лани. Во земјите од ЕУ просекот бил околу 62 отсто.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП