Екстремните горештини и сушата што траеше со недели ја чинеле германската економија најмалку 36 милијарди евра, што е околу 0,8 до 0,9 отсто од вкупното економско производство на земјата, објави еколошката организација „Greenpeace“, а пренесе ДПА.
Сумата е пресметана врз основа на економските загуби од намалените земјоделски приноси, шумските пожари, трошоците за здравствена заштита, загубите на продуктивноста и трошоците во образованието предизвикани од високите температури.
„Ова лето со горештини и суша беше катастрофално за милиони луѓе и за економијата“, изјави експертот за финансиски прашања на „Greenpeace“, Маурисио Варгас.
Тој оцени дека, иако ваквата природна катастрофа не остава зад себе купишта урнатини, размерот на штетата е шокантен.
Варгас го повика германската влада да одговори на климатската криза „со сериозноста што таа ја бара“ и предупреди дека земјата повеќе не може да продолжи да функционира на досегашниот начин.
Германија не остана поштедена од последиците на рекордно жешкото лето во Европа. Апсолутниот температурен рекорд во земјата беше соборен три дена по ред во јуни, а највисоката измерена температура достигна 41,7 степени Целзиусови во источната покраина Бранденбург.
Во последните недели во Германија избувнаа и неколку големи шумски пожари.
Според „Greenpeace“, поради екстремните горештини биле изгубени десетици милиони работни часови, додека повеќенеделната суша се очекува да предизвика значително намалување на земјоделските приноси во делови од земјата.
Сушата сериозно го погоди и речниот транспорт. На одредени делници сообраќајот бил прекинат поради исклучително ниското ниво на водата во големите реки, меѓу кои и Рајна. Особено погодени се индустриите кои зависат од големи количини суровини и полупроизводи, меѓу кои хемиската, челичната и нафтопреработувачката индустрија.



