„Xiaomi“ пласираше сопствен мобилен процесор за своите премиум смартфони, со што дополнително ги притиска „Qualcomm“ и „MediaTek“, компаниите кои со години ги снабдуваа кинескиот производител со клучните процесори, објави „Bloomberg“.
Системскиот чип „Xring O3“ претставува нов чекор во напорите на „Xiaomi“ да развива сопствени полупроводници. Компанијата тврди дека чипот овозможува поефикасна обработка на слики и подобри перформанси во задачите поврзани со вештачката интелигенција.
Новиот процесор е произведен со 3-нанометарска технологија, објави основачот на „Xiaomi“, Леи Џун. Тоа го става поблиску до најнапредните производни процеси што ги користат најновите процесори на „Apple“ и значително пред некои од домашните решенија на „Huawei“.
За производство на чиповите „Xiaomi“ склучила договор со тајванскиот гигант „TSMC“ (Taiwan Semiconductor Manufacturing Company), објави „Reuters“.
„Qualcomm“, со седиште во Сан Диего, и тајванскиот „MediaTek“ со години се меѓу главните добавувачи на процесори за смартфоните на „Xiaomi“. Со развојот на сопствен чип, кинеската компанија се обидува да ја намали зависноста од странски производители и да добие поголема контрола врз клучните компоненти.
Сопствениот процесор за најскапите модели би можел да ја зајакне и преговарачката позиција на „Xiaomi“ кон добавувачите, но и да ја зголеми привлечноста на нејзините уреди на исклучително конкурентниот пазар на смартфони.
„Huawei“ веќе користи сопствени „Kirin“ процесори во своите најскапи смартфони. Компанијата беше принудена да развива сопствени решенија откако американските ограничувања ѝ го отежнаа пристапот до клучни странски добавувачи, меѓу кои и „Qualcomm“.
„Xiaomi“, за разлика од „Huawei“, не е под санкции што би ѝ го ограничиле пристапот до меѓународните добавувачи на полупроводници.
Кинеската компанија, која во минатото беше најголем производител на смартфони во Кина, во последниот период се соочува со послаба побарувачка и кај мобилните телефони и кај електричните автомобили, во услови на стагнација на потрошувачката во земјата.



