Компанијата-мајка на онлајн трговецот Тему, „PDD Holdings“, остварила раст на приходите од 8 отсто во вториот квартал, но резултатите сепак биле под очекувањата на пазарот, објави „Reuters“.
„PDD Holdings“, која во Кина управува со платформата „Pinduoduo“, а на меѓународниот пазар со „Temu“, пријавила приходи од 112,36 милијарди јуани (15,7 милијарди долари) во кварталот што завршил на 30-ти јуни.
Аналитичарите очекувале приходи од околу 116,35 милијарди јуани, според податоците на „LSEG“.
Нето добивката што им припаѓа на обичните акционери паднала за 12 отсто, на 27,2 милијарди јуани.
И покрај послабите резултати, акциите на компанијата пораснале за 4,6 отсто во нестабилното предберзанско тргување во Њујорк.
„PDD“ се натпреварува со големите кинески платформи како „Taobao“ и „Tmall“ на „Alibaba“, „JD.com“ и „Douyin“, која е во сопственост на „ByteDance“. Компаниите се борат за корисници и трговци преку попусти, субвенции и различни промотивни стимули.
Сепак, слабата доверба на потрошувачите, стравувањата за сигурноста на работните места и долготрајниот пад на пазарот на недвижности ги прават кинеските купувачи повнимателни.
Тоа дополнително ја засилува ценовната војна во кинеската е-трговија, при што компаниите се принудени да нудат сè поголеми попусти, што ги намалува нивните профитни маржи.
Потрошувачката останала воздржана дури и за време на овогодишниот фестивал „618“, еден од најголемите периоди за онлајн продажба во Кина, и покрај повеќенеделните промоции и попусти.
„PDD“ истовремено ги зголемила трошоците за логистика и програмите за поддршка на трговците, со цел да ги намали трошоците за обработка и испорака на нарачките и да понуди поголема вредност за купувачите.
Сепак, зголемените трошоци предизвикаа загриженост кај инвеститорите дека профитабилноста на компанијата би можела да биде под дополнителен притисок.



