ПочетнаКАРИЕРАПрекувремената работа го јаде и здравјето и животот

Прекувремената работа го јаде и здравјето и животот

За многу вработени, крајот на работното време одамна не значи и крај на работниот ден. Компјутерот останува вклучен, телефонот ѕвони, стигнува уште една порака, па уште една задача што „мора да се заврши денес“. Еден час плус лесно станува два. А кога тоа ќе се повторува секој ден, истражувањата покажуваат дека цената не се плаќа само со изгубено слободно време.

Податоците од повеќе меѓународни истражувања покажуваат дека долгото работно време е поврзано со поголеми здравствени ризици, послаб баланс меѓу работата и приватниот живот и пониско чувство на задоволство.

Особено внимание привлекува границата од 55 работни часа неделно.

Анализите на здравствените и трудовите организации покажуваат дека луѓето кои работат 55 или повеќе часа неделно имаат околу 35 отсто поголем ризик од мозочен удар во споредба со оние кои работат меѓу 35 и 40 часа. Ризикот од смрт како последица на исхемична срцева болест е повисок за околу 17 отсто.

„Работењето 55 или повеќе часа неделно претставува сериозна опасност за здравјето“, е предупредувањето на здравствените експерти кои ги анализирале податоците.

Проценките покажуваат дека само во 2016 година околу 745.000 смртни случаи од мозочен удар и срцеви заболувања биле поврзани со долготрајно работно време. Околу девет проценти од светската работна популација работи прекумерно долго.

Но, проблемот не е само во срцето и крвните садови.

Истражување спроведено врз повеќе од 34.000 вработени покажало дека со растот на бројот на работни часови се зголемува и веројатноста за лоша ментална состојба. Кај оние кои работеле најмалку 55 часа неделно, врската со нарушена ментална благосостојба била значително поизразена отколку кај вработените со работна недела од 35 до 40 часа.

И тука доаѓа оној добро познат момент. Човек физички си оди од работа, но работата не си оди од него.

Телефонот е на маса за време на вечерата. Се проверува електронска пошта пред спиење. Во глава се вртат задачите за утре. Формално, работниот ден завршил. Практично, не баш.

Ново истражување објавено во 2026 година, засновано на податоци за повеќе од 43.000 луѓе, покажува дека работата подолго отколку што самиот вработен сака е поврзана со пад на менталното здравје, задоволството од животот, слободното време и самата работа. Уште поважно, истражувачите утврдиле дека негативниот ефект „се засилува наместо да слабее со текот на времето“.

Со други зборови, луѓето не мора нужно да се навикнат на постојаното прекумерно работење.

Не е секој прекувремен час ист. Истражувањата покажуваат дека особено негативни последици има кога дополнителната работа не е доброволна. Анализа на повеќе од 4.000 вработени утврдила дека принудното прекувремено работење е поврзано со помало задоволство од животот, полоша проценка на сопственото здравје и повеќе симптоми на депресивност.

Ниту од економски аспект повеќе часови автоматски не значат и повеќе завршена работа.

Анализите на економистите за продуктивноста покажуваат дека при долги работни денови продуктивноста опаѓа. Дополнителниот час не носи ист резултат како претходниот, особено кога се натрупуваат заморот и падот на концентрацијата. Во анализите на работното време се наведува дека доказите за пад на продуктивноста при долго работење се прилично конзистентни.

Затоа, заминувањето од работното место навреме не мора да значи дека некој е помалку посветен на работата. Често значи дека работниот ден има јасна граница.

После неа остануваат семејството, пријателите, спортот, прошетката, хобито или едноставно неколку часа во кои никој не бара ништо од вас.

И утре повторно на работа. Но одморен.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП