ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАКрафт пиво за мерак, ама дали е и бизнис за пари?

Крафт пиво за мерак, ама дали е и бизнис за пари?

На прв поглед, сметката изгледа примамливо. Вода, слад, хмељ и квасец се претвораат во пиво кое на полица или во локал може да се продава значително поскапо од индустриското. Токму тука многумина ја гледаат шансата за бизнис. Но кај крафт пивото разликата меѓу добра идеја и профитабилна пиварница најчесто не се прави во казанот, туку во продажбата.

Производството почнува со опрема. Казани, ферментатори, систем за ладење, пумпи, садови, опрема за миење, полнење шишиња или лименки, складирање. Потоа доаѓаат просторот, струјата, водата, амбалажата и работната сила. И тука списокот не завршува.

Истражувањата на пиварската индустрија покажуваат дека производството на пиво е релативно голем потрошувач на енергија, особено при варењето и загревањето, а кај малите производители тој трошок потешко се распоредува на голем број литри.

Со други зборови, едно е да сварите 200 литри добро пиво. Сосема друго е тие 200 литри редовно да ги продавате.

Токму продажниот канал е клучен за заработката. Финансиските анализи од пиварската индустрија покажуваат дека најголема маржа обично има кога производителот го продава пивото директно на потрошувачот, во сопствен бар, дегустациски простор или пивница. Кога во приказната ќе влезат дистрибутер, маркет или угостител, секој зема свој дел од цената.

„Основната равенка е едноставна: бруто-добивката од дистрибуцијата минус трошоците за дистрибуција покажува дали имате добивка или загуба“, објаснува финансиски советник.

Тука е и амбалажата. Шишето или лименката, капачето, етикетата, картонот и транспортот можат сериозно да ја изедат заработката. Кај крафт пивото дополнителен трошок носи и употребата на поскапи видови слад и хмељ, особено кај пива со посилен вкус и поголема количина хмељ.

Европските анализи покажуваат дека сладот и хмељот остануваат меѓу најчувствителните ставки во трошоците на малите производители, додека цената на сладот е особено изложена на промените кај енергенсите.

За производителите во Македонија во пресметката мора да влезе и акцизата. Според важечките податоци на Царинската управа, за пивото таа изнесува четири денари за секој еден процент волуменски удел на чист алкохол содржан во еден литар готов производ.

Практично, производителот не смее да ја гледа разликата меѓу цената на суровините и продажната цена како чиста заработка. Од неа треба да се платат производство, загуби при варењето, ладење, амбалажа, транспорт, даноци, плати, кирија, маркетинг, сервисирање на опремата…

И пазарот станува потежок. Податоците за 2025 година покажуваат пад на производството на крафт пиво во САД, а микро-пиварниците ориентирани кон класична дистрибуција поминале полошо од пивниците и моделите што продаваат директно на гости. Во Европа, исто така, вкупното производство и потрошувачката на пиво се намалиле во 2025 година.

Затоа економистите во секторот сè почесто ја нагласуваат истата работа: само добро пиво веќе не е доволно.

„Успехот во иднина ќе зависи од создавање нешто што е значајно и што потрошувачите ќе го паметат“, оценува економист.

Тој посочува дека квалитетот, непосредниот контакт со гостите и различното искуство стануваат важен дел од бизнисот.

Па, дали се исплати?

Може да се исплати, но многу повеќе ако производителот не е само производител. Мала пиварница со сопствено место за продажба, добра локална публика и неколку препознатливи пива има сосема поинаква математика од пиварница што произведува, пакува и потоа се обидува да се избори за место на полиците.

Во крафт пивото, очигледно, најскапиот дел не е секогаш хмељот. Понекогаш најскапо е да стигнеш до купувачот.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП