Земјоделците од струмичко денеска преку протест ќе го изразат незадоволството од непочитувањето на договорот со ресорниот министер. На ваков начин дополнително се дестимулираат младите земјоделци кои останале во земјава и се занимаваат со можеби најтешката дејност на денешницата, а тоа е земјоделството.
На плус 40 степени да работиш на поле и на крајот да дојде некој и да те уценува, да ти дава цена која е далеку под производствената е многу понижувачки и навредливо, се жалат земјоделците. Според информациите до кои дојде Денар, откупувачите даваат до 20 денари за килограм, а со властите Земјоделците пред неколку дена договорија цена над 40 денари за килограм.
Земјоделците од струмичкиот регион, производителите на пиперка Ајварка, денеска пред подрачната единица на Министерството за земјоделство во Струмица ќе им порачаат на властите дека не смеат да си играат со нивното достоинство. Ниту еден производ не смее да се продава под неговата производствена вредност, а најмалку земјоделскиот производ тоа го заслужува. Само четири дена важел договорот на власта со земјоделците кои наводно бил договрен и со откупувачите, но потоа се тргнало по старо, се жалат земјоделците. Најавени се и блокади на локални и магистрални патишта, а доколку нема слух, блокадите ќе бидат поригорозни, предупредуваат струмичани.
„Математиката е проста. Секој килограм пиперка што се продава денес е 10 денари загуба. Секој земјоделец работи за да биде во минус. Па ова е апсурд! Го повикуваме министерот Борче Серафимовски да се појави на истото место во Струмица од каде што пред 9 дена ја даде изјавата за постигнатиот договор за откуп на пиперката, соопшувајки ги цените кои мора да се почитуваат, а не се почитуваат. Го повикуваме премиерот Христијан Мицкоски да дојде и да направи една екскурзија и до Струмица, да се сретне со луѓето кои го избрале, да дојде на терен да слушне со какви проблеми тие се соочуваат.“, велат од Здружението Млади Муртино.
Протестот има една цел, а тоа е егзистенција на домаќинствата кои се занимаваат со производство на пиперка ајварка. Политика нема и не смее да се меша во овој нивни децениски проблем. Земјоделците се жалат дека големи средства се прелеани на сметките на фабриките кои се преработувачи на земјоделски производи, а дел од земјоделците доколку не ги продадат пиперките, кубурат за парче леб.
Пред извесен период или пред неколку недели, земјоделците од овој регион блокираа клучни делници поради истиот проблем со кој се соочуваат. Тогаш заедно со ресорниот минисер кој им се приклучи на протестот договорија цени за до крајот на откупот годинава. За прва класа пиперка „куртовска капија“ беше утврдена цена од 40 денари, за прва и втора класа 30 денари, за индустриска класа 30 денари, а за „шкарт“ 15 денари за килограм.
И.П.



