Иако Бразил можеби е на пат кон рекордна жетва, вестите за љубителите на квалитетното кафе не се подеднакво охрабрувачки. Невообичаено обилните врнежи на главните плантажи во земјата го загрозија квалитетот на сортата арабика, ограничувајќи ја понудата на врвни зрна што се користат во премиум мешавините на големи компании како „Starbucks“, „Lavazza“ и „Illy“.
Овој проблем е од исклучително значење за меѓународниот пазар, имајќи предвид дека Бразил произведува околу 45 отсто од светските количини на арабика. Сето ова доаѓа по неколку последователни периоди на послабо производство, кои минатата година придонесоа глобалните цени на кафето да достигнат историски максимум.
Но, овојпат проблемот не е количината, туку квалитетот.
Од дрвјата паднале и до 20 отсто од плодовите
Во регионот Серадо Минеиро, кој се наоѓа на околу 600 километри северно од Сао Паоло и претставува една од најважните области за производство на квалитетно кафе, јунските дождови паднале токму на почетокот на бербата, пишува „Bloomberg“.
Големи количества зрели плодови паднале од дрвјата и со денови останале на земјата натопена со вода. Тоа го зголемило ризикот од габични инфекции и прекумерна ферментација.
Последица би можеле да бидат зрна со непосакуван вкус на мувла и влага, кои не можат да се користат за производство на врвно кафе.
Симао де Лима, директор на задругата „Expocacer“, која обединува повеќе од 800 производители, проценува дека во просек околу 20 отсто од плодовите паднале од дрвјата поради дождовите. Во нормални години, тој процент се движи меѓу пет и седум отсто.
Проблемите не завршиле тука.
Новите врнежи во јули го погодиле кафето кое веќе било распослано за сушење, принудувајќи ги многу производители повторно да го започнат овој чувствителен процес.
Според податоците на метеоролошката компанија „Vaisala“, количината на врнежи во делови од бразилската зона за производство на кафе во јуни и јули достигнала од 250 до 500 отсто од вообичаеното ниво, додека во некои области биле регистрирани количества и до осум пати поголеми од нормалните.
Од јуни цените скокнале за 35 отсто
Последиците веќе се чувствуваат на пазарот.
Фјучерсите на арабиката од јуни пораснале за околу 35 отсто, со што е поништен голем дел од загубите забележани од почетокот на годината.
Падот на квалитетот истовремено го отежнува и надополнувањето на сертифицираните залихи во американските и европските складишта на ICE (Intercontinental Exchange), кои се блиску до најниските нивоа во овој век.
Во нормални услови, околу 30 до 35 отсто од производството во овој регион ги исполнува високите стандарди на „ICE“.
Оваа година, според Де Лима, тој процент би можел драстично да падне на само 10 до 15 отсто.
Рекордна жетва, но недостиг од врвна арабика
Целата ситуација создава необичен парадокс на пазарот.
Американското Министерство за земјоделство предвидува дека во сезоната која започнува во октомври, глобалната понуда на кафе ќе ја надмине потрошувачката за 10 милиони вреќи.
Тоа би бил најголемиот вишок во последните шест години, пред сè благодарение на рекордната жетва во Бразил.
Сепак, тоа не значи дека на пазарот ќе има изобилство од премиум арабика.
Големите компании можеби ќе успеат да апсорбираат дел од дополнителните трошоци, да ги префрлат врз малопродажните цени или да го променат составот на своите мешавини со користење зрна од другo потекло и со различен квалитет.
За оние кои бараат исклучиво најквалитетна арабика, ситуацијата сепак ќе биде значително потешка.
Како што заклучува Де Лима, едноставно нема да има иста количина висококвалитетно кафе на која сме навикнати.



