Кинескиот производител „Chery“ ги објави првите официјални фотографии од новата генерација на моделот „Arrizo 7“.
На прв поглед е јасно од каде дизајнерите црпеле инспирација. Новиот „Arrizo 7“ има маска на ладилникот, предни светла и пропорции кои потсетуваат на актуелниот „Audi A6“, поради што некои медиуми веќе го нарекоа „буџетски ‘Audi’“.
Првата генерација на „Arrizo 7“ се продаваше во Кина од 2013-та до 2018-та година, а сега моделот се враќа во целосно ново издание.
Предниот дел го карактеризира голема маска на ладилникот во стилот на „Singleframe“ дизајнот на „Audi“, агресивно дизајнирани отвори за воздух и модерни LED светла.

Од страничната линија се издвојуваат класичните рачки на вратите, елегантната fastback линија на покривот и алуминиумските фелни со пет краци. Задниот дел носи хоризонтални LED светла и спортски изглед.
„Chery“ сè уште не ги објавил техничките детали за автомобилот, но кинеските медиуми наведуваат дека новиот „Arrizo 7“ ќе користи бензински мотори без електрификација. Се очекува повеќе информации да бидат познати по официјалната премиера.
Новиот модел ќе им се придружи на седаните „Arrizo 8“ и „Arrizo 8 Pro“ во понудата на „Chery“. Над него, во иднина би можел да се позиционира уште поатрактивниот „Arrizo S“.




