ПочетнаКОМПАНИИTikTok под лупа: На платформата се појавувале платени огласи за дрога и...

TikTok под лупа: На платформата се појавувале платени огласи за дрога и лекови на рецепт

TikTok повторно се најде во центарот на сериозни прашања околу контролата на содржините што се пласираат преку неговиот систем за рекламирање. Истрага на Forbes открила дека на платформата се прикажувале платени огласи преку кои се промовирале нелегални дроги, но и контролирани лекови на рецепт како Xanax, Valium и Adderall, иако ваквата содржина е директно забранета со правилата на TikTok.

Според истрагата, само во период од две недели, на TikTok-профил управуван од Forbes биле прикажани реклами од 21 различен профил поврзани со понуди за кокаин и контролирани лекови. Во еден од случаите, профил во текот на јули објавил дури 27 слични реклами, насочени главно кон корисници во Германија, Холандија и Ирска.

Особено проблематично е што дел од огласите не останувале само на промотивни видеа. Одредени профили ги насочувале заинтересираните корисници кон Telegram, каде што можеле да добијат информации за понудата. Forbes опишува пример на профил кој преку TikTok реклами таргетирал корисници во Велика Британија, Германија и Холандија, додека на поврзаниот Telegram бил достапен ценовник за нелегални супстанции.

TikTok официјално забранува промовирање и продажба на нелегални дроги, контролирани лекови и опрема поврзана со нивната употреба. По обраќањето на Forbes до компанијата, TikTok отстранил најголем дел од посочените огласувачи и страници. Сепак, нови реклами од други профили продолжиле да се појавуваат, што го отвора прашањето колку е ефикасен системот за автоматска и човечка контрола на платените реклами.

Од TikTok, пак, посочуваат дека нивните системи отстрануваат огромен дел од спорните содржини пред воопшто да бидат пријавени од корисниците. Според податоците на компанијата, во првиот квартал биле отстранети 99,8 проценти од видеата што ги прекршувале правилата за регулирани производи и услуги уште пред корисниците да ги пријават, а платформата забранила вкупно 16 милиони огласувачи.

Случајот е особено чувствителен во Европа. Европската комисија уште во мај 2025 година прелиминарно оценила дека ByteDance ги прекршил правилата од европскиот Акт за дигитални услуги поради недостатоци во библиотеката на реклами на TikTok. Европските правила овозможуваат казни за големите технолошки компании што ги прекршуваат обврските од DSA во висина до шест проценти од нивниот глобален приход.

За TikTok ова може да стане многу поголем проблем од неколку спорни профили. Платформата има илјадници модератори само за Европската Унија, а истовремено располага со алгоритамски системи кои анализираат огромно количество содржина. Токму затоа фактот дека дел од ваквите профили успевале не само да објавуваат содржини, туку и да плаќаат за нивно рекламирање, повторно го отвора прашањето за одговорноста на големите социјални мрежи за она од што директно остваруваат приходи.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП