Понекогаш изборот за летување не го правиме кога ќе ја видиме цената, хотелот или оценките на гостите. Одлуката можеби паднала неколку секунди порано, кога сме ја погледнале фотографијата. Морето изгледа посино, песокот посветол, зајдисонцето потопло, а градските улици некако поживи. И токму тие нијанси можат сериозно да влијаат врз тоа каде ќе посакаме да патуваме.
Истражувања од областа на туристичкиот маркетинг покажуваат дека бојата, нејзиниот интензитет и осветленоста на фотографијата имаат значајна улога во начинот на кој туристите ја доживуваат една дестинација. Со други зборови, пред човек воопшто да стигне на некое место, фотографијата веќе му создала претстава како таму би се чувствувал.
„Не се купува само патување, туку доживување и емоција“, посочуваат маркетинг експерти кои го истражувале влијанието на фотографиите врз изборот на туристите.
Тука почнува и големата битка меѓу туристичките дестинации.
Хотелите, туристичките организации и агенциите добро знаат дека корисникот кој пребарува каде да оди на одмор обично гледа десетици понуди. Цените можат да бидат слични, хотелите речиси исти, а летот да трае приближно еднакво. Во таква ситуација фотографијата станува еден од најсилните адути.
Ако едната понуда покажува сиво море под облачно небо, а другата тиркизна вода осветлена од сонце, изборот лесно може да се насети.
Интензивните бои подобро поминуваат
Во една анализа биле разгледувани интернет страниците на туристичките организации на Лондон, Париз, Барселона и Виена.
Резултатите покажале дека луѓето попозитивно реагираат на фотографии со поинтензивни бои отколку на оние кај кои боите се послаби и помалку заситени. Од друга страна, претераната осветленост не мора автоматски да даде подобар ефект.
Истражувачите направиле и спектар на бои и емоции поврзани со секој од анализираните градови. Се покажало дека визуелната презентација на туристичките места често не се прави според анализа, туку според проценка што изгледа убаво во моментот.
А токму тука има простор за подобрување.
Кај Виена, на пример, бил забележан појасен визуелен концепт. На фотографиите почесто се појавуваат топли тонови, особено црвени и жолти нијанси, како и препознатлив златен сјај. Според анализата, тоа помага градот да добие сопствен визуелен карактер уште пред туристот да пристигне таму.
Слични резултати има и истражување објавено во научното списание „Tourism Management“, кое анализирало туристички фотографии на Инстаграм. Авторите утврдиле дека корисниците генерално почесто реагирале на посветли фотографии со позаситени бои. Во зависност од видот на фотографијата, значајна улога имале портокаловата, жолтата, сината и виолетовата боја.
Убаво, но не премногу убаво
Сепак, тука постои тенка граница. Фотографиите на туристичките места одамна се обработуваат. Се засилува бојата на морето, се додава топлина на небото, се коригира светлината. Тоа е нормален дел од маркетингот. Но кога обработката премногу ќе ја оддалечи фотографијата од реалноста, ефектот може да биде спротивен.
Туристот пристигнува очекувајќи тиркизна вода, а го пречекува обична сина. Плажата на фотографијата изгледала речиси бела, а во живо е сосема поинаква. Тогаш рекламата што требало да привлече гостин лесно се претвора во разочарување.
Затоа познавачите на туристичкиот маркетинг препорачуваат да се користат боите што природно му припаѓаат на местото, неговата архитектура, пејзажот и атмосферата, а потоа внимателно да се нагласат.
Значи, следниот пат кога ќе пребарувате каде да одите на море и ненадејно ќе си речете „Е, ова место ми се допаѓа“, можеби причината нема да биде хотелот.
Можеби едноставно морето било доволно сино.
Б.З.М.



