Пчеларството важи за еден од оние бизниси за кои не е потребна огромна почетна инвестиција, но затоа бара нешто што не може да се купи со пари: време, трпение и знаење. За почеток не се потребни стотици кошници, ниту голем имот. Познавачите на оваа дејност советуваат да се тргне полека, со неколку пчелни семејства, па дури потоа, ако работата оди како што треба, пчеларникот да се проширува.
Според една пресметка направена од искусни пчелари, за набавка на три кошници и почеток со пчеларење биле потребни околу 450 евра. Станува збор за пресметка објавена во 2020 година, па денес конкретната сума може да биде различна во зависност од цената на кошниците, пчелните семејства и потребната опрема. Но принципот останува ист: не мора веднаш да се вложат илјадници евра за човек да влезе во овој занает.
„Најсигурно е да се почне со три до пет пчелни семејства“, советуваат искусните познавачи на пчеларството.
Со толкав број кошници, почетникот може да ја научи работата без да преземе преголем финансиски ризик. Првата година, велат пчеларите, не треба да се гледа само колку тегли мед ќе се наполнат. Многу поважно е човек да научи како се прегледува кошницата, како се препознава состојбата на семејството, кога има доволно храна, кога треба да се реагира и како пчелите да ја поминат зимата.
Тука почнува вистинската работа.
Пчеларството не е бизнис во кој се купуваат три кошници во април, а наесен автоматски се бројат парите. Приносот зависи од временските услови, пчелната паша, здравствената состојба на пчелните семејства, локацијата, но и од знаењето на самиот пчелар.
„Заработка може да има, но на почетокот таа не е голема. Работата треба постепено да се развива“, е советот што искусните пчелари го даваат на луѓето што првпат размислуваат за оваа дејност.
Тоа е и причината зошто економската логика кај мал пчеларник е поинаква од онаа кај класичен бизнис. Не се тргнува со голема инвестиција и очекување таа веднаш да се врати. Се почнува со мал број семејства, се стекнува искуство, а заработеното повторно може да се вложува во нови кошници, опрема и проширување.
За оние што размислуваат посериозно да се занимаваат со пчеларство во Македонија постои и државна финансиска поддршка, но таа не е наменета за неколку кошници во дворот. Според правилата за директни плаќања за 2026 година, основната поддршка изнесува 600 денари по регистрирано презимено пчелно семејство, а условот е стопанството да има најмалку 30 такви семејства. За стопанства со над 50 семејства може да следуваат дополнителни 200 денари по семејство доколку се исполнети пропишаните услови.
Тоа практично значи дека човек кој почнува со три или пет кошници прво влегува во пчеларството како мал производител или хобист. Дури подоцна, ако бројот на семејства расте, приказната може да премине во посериозна економска дејност.
Познавачите велат дека токму тука најчесто се прави грешката. Почетниците гледаат колку чини килограм мед и веднаш пресметуваат колкава би била заработката од десет, педесет или сто кошници. Но меѓу кошницата и теглата има цела сезона работа, ризици и трошоци.
Затоа советот е едноставен: мал почеток, добра обука и постепено ширење.
Три кошници нема да направат никого богат. Но можат да бидат доволни за човек да види дали пчеларството навистина е работа за него. А ако пчеларникот од три стане десет, па триесет кошници, тогаш веќе не станува збор само за интересно хоби. Тогаш почнува и математиката.
Б.З.М.



