Европа се соочува со ерозија на условите што историски го поттикнувале економскиот раст на континентот. Ова предупредување го упати претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, повикувајќи ги европските лидери да не ги повторат грешките од ерата на дот-ком компаниите во новата ера на вештачката интелигенција (AI), објави „CNBC“.
Во говорот пред Меѓународниот бизнис совет на Светскиот економски форум во Женева, Швајцарија, Лагард предупреди дека повоениот модел на економски раст на Европа „еродира“ и дека „малку е веројатно да се врати во формата што некогаш ја познававме“.
Според Лагард, овој економски модел се темелел на три столба: проширување на глобалната трговија, производство поткрепено со пристап до евтина енергија и „стабилен глобален поредок заснован на правила, поддржан од американскиот безбедносен чадор“.
Сите три столба денес се ослабени, истакна таа, потсетувајќи дека само минатата година во светот биле воведени повеќе од 2.500 трговски ограничувања.
Повлекувањето на САД од повоениот светски поредок
Во поширока смисла, Лагард оцени дека повлекувањето на САД од водечката улога во западната безбедност создава дополнителен притисок врз европската економија.
Досегашното опкружување, според неа, „овозможи европските синџири на снабдување да се продлабочат и им овозможи на компаниите да ги организираат инвестициите околу ефикасноста, а не околу отпорноста“.
„Денес тој глобален поредок е под притисок. Геополитичките тензии ги ставаат во преден план критичните зависности и тесните грла, додека Европа се соочува со зголемени безбедносни закани на својот праг“, рече Лагард.
Американскиот претседател Доналд Трамп долго време ги критикува европските сојузници на САД дека не трошат доволно за одбрана, додека неговата администрација упатуваше и закани за повлекување од НАТО, како и за преземање на Гренланд.
Во меѓувреме, руските летала продолжуваат да навлегуваат во европскиот воздушен простор, додека војната меѓу САД и Иран дополнително влијае врз економијата на континентот и создава нови безбедносни ризици за регионот.
„Со намалувањето на глобалната безбедност, капиталните текови кон Европа се изложени на ризик“, предупреди Лагард.
„Компаниите инвестираат помалку кога капиталот се доживува како помалку безбеден, што негативно влијае врз производството и потрошувачката“, додаде таа.
„Земени заедно, овие промени покажуваат дека повоениот модел на раст на Европа еродира. И малку е веројатно да се врати во формата што некогаш ја познававме“, категорична беше Лагард.
Предупредување за вештачката интелигенција
И покрај ризиците, Лагард смета дека Европа и понатаму има „значајни силни страни врз кои може да гради“, меѓу кои најголемата мрежа на трговски договори во светот, производство од светска класа и огромниот единствен пазар на ЕУ.
Сепак, таа предупреди дека Европа не смее да ги повтори грешките од ерата на дот-ком компаниите кога станува збор за револуцијата на вештачката интелигенција.
„Европа во голема мера ја пропушти првата дигитална револуција, при што економските придобивки од ширењето на информатичките и комуникациските технологии беа несразмерно искористени на други места. Не можеме да си дозволиме да го повториме тоа искуство со вештачката интелигенција, втората дигитална револуција“, рече Лагард.
Европскиот технолошки сектор одамна заостанува зад американскиот.
34-те највредни котирани технолошки компании во Европа имаат комбинирана пазарна капитализација од околу 1,37 трилиони евра, додека акциите на таканаречената американска „Величествена седумка“ имаат вкупна пазарна вредност од повеќе од 23 трилиони долари.
Иако постојат „охрабрувачки знаци“ дека европските компании инвестираат во вештачка интелигенција, останува прашањето дали Европа може да создаде услови за ширење и зголемување на обемот на овие инвестиции, предупреди Лагард.



