Кога ќе избувне голем пожар, јавноста најчесто ги следи истите информации – каде гори, колкава површина е зафатена, дали се загрозени куќи и колку екипи се испратени на терен.
Кога пожарот ќе биде изгаснат, темата полека исчезнува од вестите, но токму тогаш почнува да пристигнува сметката, а таа може да се плаќа со години.
Македонија и ова лето се соочува со голем број пожари на отворено. Само во периодот од утрото на 20 до утрото на 21 август биле регистрирани 35 пожари, од кои пет останале активни, а два биле ставени под контрола. Во текот на денешниот ден се појавиле нови жаришта.
Но колку чини сето тоа?
Првата сметка е највидлива. Пожарникарски возила со часови или денови работат на терен. Се троши гориво, вода и опрема. Се ангажираат пожарникари, полиција, припадници на други служби, доброволци и локални ресурси.
Кога теренот е непристапен, приказната станува уште посложена. Се користи воздушна поддршка, а секој час работа на воздухоплов подразбира гориво, екипаж, одржување и оперативни трошоци.
Но гаснењето е само првата ставка од сметката. Многу поголем проблем може да биде она што останува зад пожарот.
Ако изгори шума, не исчезнуваат само дрвјата што ги гледаме на фотографиите. Исчезнува дрвна маса која има економска вредност. Се уништуваат живеалишта, се зголемува ризикот од ерозија, а природата може да има потреба од години или децении за целосно обновување.
Колку голема може да биде директната економска штета покажува и една официјална локална проценка за Делчевско. Во документот се наведува дека во анализиран период 96 шумски пожари зафатиле 4.073,77 хектари шумски површини, при што директната материјална штета била проценета на повеќе од 2,63 милијарди денари.
Тоа се околу 42,8 милиони евра, и тоа само директна материјална штета во конкретниот анализиран случај. А пожарот има и трошоци кои многу потешко се гледаат.
Ако изгори земјоделско земјиште, земјоделецот може да го изгуби приходот за цела сезона. Ако страда овоштарник или повеќегодишен насад, загубата не завршува таа година – потребни се години новите насади повторно да почнат целосно да раѓаат.
Ако огнот стигне до населено место, сметката станува уште поголема. Изгорена куќа значи покрив, инсталации, мебел, бела техника, прозорци, фасада и личен имот. Оштетено возило е дополнителна штета. Следуваат трошоци за привремено сместување, расчистување и повторна изградба.
Потоа доаѓа инфраструктурата. Електрични столбови, кабли, патишта, водоводни системи и телекомуникациска инфраструктура исто така можат да бидат погодени.
Секоја поправка на крајот некој ја плаќа. Државата, Општината, Јавното претпријатие, Осигурителната компанија, Компанијата или самиот граѓанин.
Токму затоа пожарот што го гледаме како црвен круг на мапата не е само еколошка катастрофа. Тој е и економски настан.
И има уште еден трошок што речиси никогаш не се пресметува во првите вести, а тоа е изгубената економска активност.
Кога десетици луѓе и машини се ангажирани со денови за гаснење, тие ресурси не се користат за други активности. Кога пат е затворен, транспортот се пренасочува. Кога пожар се приближува до туристичко место, може да се откажуваат резервации. Кога земјоделец наместо да работи на нивата го брани имотот од огнот, и тоа има цена.
Дури и официјалната проценка за Делчево, покрај директната штета, посочува индиректни последици поврзани со прекин на производството на огревно и техничко дрво поради ангажирањето на вработените во гаснењето.
Затоа вистинската цена на еден голем пожар не може да се измери само според бројот на изгорени хектари.
Треба да се соберат трошоците за интервенција, уништената шума, земјоделските култури, објектите, инфраструктурата, изгубеното производство и обновувањето на просторот.
А потоа доаѓа најважното економско прашање – Колку би чинела превенцијата?
Ако државата секое лето троши огромни ресурси кога огнот веќе избувнал, економската логика налага да се пресмета колку од идните штети би можеле да се избегнат со подобри противпожарни патишта, рано откривање, чистење критични појаси, подобро опремени локални противпожарни единици и побрза реакција. Бидејќи пожарите не завршуваат кога последниот пожарникар ќе го напушти теренот. Тогаш само престанува да гори.
Сметката останува. А неа, директно или индиректно, на крај ја плаќаме сите.
С.Б.



