Август е периодот кога е тешко да се најде слободен кревет во Охрид. Апартманите се менуваат од ден за ден, гостите резервираат преку Booking и Airbnb, дел од резервациите доаѓаат директно преку Facebook или телефон, а плаќањето неретко се врши и во готовина.
Од страна изгледа како одличен бизнис. Ако еден апартман се издава за 60 евра од ноќ и има 20 резервирани ноќевања во месецот, едноставната математика покажува приход од 1.200 евра, односно приближно 74.000 денари.
Но тие 74.000 денари не се чиста заработка. И токму во екот на туристичката сезона Управата за јавни приходи испрати порака до издавачите на приватно сместување.
УЈП на средба со туристичкиот сектор во Охрид потсети дека граѓаните кои остваруваат доход од издавање апартмани, станови, куќи, вили и соби имаат обврска тој доход да го пријават и да го платат утврдениот данок на личен доход.
Она што е особено важно е дека обврската не зависи од тоа како сте го нашле гостинот.
УЈП експлицитно посочува дека таа постои и кога резервацијата или издавањето се вршат преку Airbnb, Booking.com, Facebook, Kayak, Tripadvisor и други платформи. Не е пресудно ниту дали гостинот е Македонец или странец, ниту дали платил на трансакциска сметка или во готовина.
Уште поинтересно е што не мора да се занимавате со издавање во текот на целата година.
Според УЈП, обврската се однесува и на оние што својот имот го издаваат само неколку дена во месецот.
Тоа ја менува математиката на популарниот летен „бизнис“ со апартмани.
Да земеме еден сосема реален пример. Сопственик има мал апартман во Охрид кој во јули и август го нуди за просечни 60 евра од ноќ. Ако успее да пополни 20 ноќевања месечно, неговиот бруто приход е 1.200 евра.
За два месеца тоа се 2.400 евра, односно околу 148.000 денари бруто приход, што звучи одлично. Но од таа бројка треба да почнат да се одземаат трошоците.
Платформата преку која дошла резервацијата може да наплати провизија. Апартманот треба да се исчисти по заминувањето на гостите. Се перат постелнина и крпи, се троши струја за клима-уредот и бојлерот, вода, интернет, средства за хигиена, а одвреме-навреме нешто треба и да се поправи или замени.
На сето тоа сега многу појасно треба да се гледа и даночната обврска.
УЈП појаснува дека данокот се пресметува на бруто остварениот доход намален за признатите трошоци, при што третманот зависи и од тоа дали недвижноста се издава опремена или неопремена. Пријавувањето се врши преку системот за е-Даночни услуги.
Затоа цената што туристот ја гледа на екранот не е исто што и заработката што останува кај сопственикот.
Ако апартманот се продава за 60 евра, тие 60 евра не треба автоматски да се гледаат како 60 евра профит., бидејќи тоа е приход пред трошоците.
И тука се крие една од причините зошто цените на приватното сместување во туристичките центри во последните години растат.
Сопственикот не продава само кревет. Во цената мора да ги вкалкулира периодите кога апартманот е празен, провизиите на платформите, чистењето, комуналните трошоци, амортизацијата, даноците и ризикот дека во одреден период нема да има гости.
Од друга страна, високата цена не значи дека секој сопственик има висока заработка. Апартман од 80 евра кој е пополнет десет дена носи помал бруто приход од апартман од 50 евра кој успева да продаде 25 ноќевања.
Токму затоа во туризмот пополнетоста често е поважна од цената.
Интересен е и моментот во кој УЈП ја засилува комуникацијата со секторот.
Охрид е во самиот врв на летната сезона, а приватното сместување одамна не функционира само преку класичното „Zimmer frei“ на портата.
Денес еден сопственик од Македонија може за неколку минути да го понуди својот стан пред туристи од Германија, Холандија, Полска или Србија.
Дигитализацијата создаде огромен пазар за малите издавачи. Но со тоа приходот од приватното сместување сè повеќе станува и формална економска активност.
УЈП токму затоа ја промовира кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, а на средбата во Охрид темата не била само издавањето недвижности. Биле опфатени и сезонските работници во туризмот – готвачи, бармени, собари, рецепционери, лица за чистење и одржување.
За сезонските и повремените работници УЈП посочува дека ангажманот до најмногу 180 дена во календарската година треба да биде формализиран и пријавен согласно прописите.
Тоа покажува дека ова лето фокусот не е само на тоа колку туристи дошле во Охрид, туку и колкав дел од парите што тие ги оставаат влегуваат во формалната економија, а сумите воопшто не мора да бидат мали.
Еден апартман со 60 евра просечна цена и 40 продадени ноќевања во јули и август генерира околу 2.400 евра бруто. Сопственик со три такви апартмани веќе зборува за потенцијални 7.200 евра бруто приход за два месеца, пред трошоците и даночните обврски.
А токму тука завршува приказната за „неколку туристи што ми дојдоа во станот“ и започнува вистинската економска сметка.
Охридската сезона може да биде добра можност за дополнителна заработка. Но ако апартманот е на Booking, Airbnb или се рекламира на Facebook, ако гостите плаќаат во кеш и ако се издава само во јули и август, тоа не значи дека приходот автоматски е надвор од даночниот систем.
Пораката на УЈП ова лето е прилично јасна: Може да издавате само неколку дена. Може гостинот да ви плати во кеш. Но приходот сепак треба да биде пријавен.
С.Б.



