„Google“ им олеснува на корисниците да ги поддржат своите омилени медиуми со воведување ново копче „Preferred Sources“, кое веб-издавачите ќе можат да го постават на своите страници.
„Кога читателите ќе кликнат на ова копче, страницата ќе ја додадат како омилен извор на ‘Google’, а потоа веднаш ќе бидат вратени на местото каде што застанале на страницата на издавачот“, објаснуваат од „Google“.
Откако корисникот ќе го избере медиумот како омилен извор, неговите текстови почесто ќе се појавуваат во резултатите од „Google Search“, вклучително и во секциите „Top Stories“, „AI Overviews“ и „AI Mode“.
Новото копче официјално го формализира нешто што издавачите веќе извесно време самостојно го додаваат на своите веб-страници.
Иако сообраќајот од „Google“ кон медиумските страници во последните години е намален поради производи како „AI Overviews“ и „AI Mode“, пребарувачот на „Google“ и понатаму останува важен извор на приходи за голем број медиумски компании.
Оттука се наметнува и прашањето дали „Google“ ја воведува оваа опција во обид да им излезе во пресрет на барем дел од издавачите.
„Gemini“ ќе го приспособува „Discover“
Покрај тоа, „Google“ наскоро ќе започне да воведува ажурирање на својот „Discover feed“, кој е достапен во апликацијата „Google“, прелистувачот „Chrome“ и на „Android“ уредите.
Новата опција ќе овозможи корисниците преку разговор со четботот „Gemini“ да влијаат врз содржината што им се прикажува.
„Google“ најпрво ќе го овозможи ажурирањето преку својата мобилна апликација. „Gemini“ ќе може да се активира со притискање на иконата со три точки покрај која било вест.
„Вашиот ‘feed’ ќе се приспособува во движење и ќе ги памети вашите барања“, наведува „Google“.
Вестите наскоро и во аудиоформат
За корисниците кои повеќе сакаат да ги слушаат вестите отколку да ги читаат, „Google“ дополнително го олеснува приспособувањето на аудиопрегледите што ги нуди преку својата апликација „Google News“ на „Android“.
„Сега можете да креирате сопствени извештаи со избор на конкретни теми, со јасно наведени извори и линкови до целосните текстови, за полесно да ги истражите информациите што ви се најважни“, велат од „Google“.
Како и кај повеќето ажурирања на „Google“, можно е да бидат потребни неколку дена пред новите опции да станат достапни на сите кориснички профили.



