ПочетнаЕКОНОМИЈАКој ни ја краде коцката чоколадо?

Кој ни ја краде коцката чоколадо?

Купувате чоколадо, го ставате во кошничката и на прв поглед сè е како порано. Истото пакување, истите бои, истото лого. Дури и цената не изгледа многу поразлично. Само што дома, кога ќе ја отворите, нешто не ви се совпаѓа. Чоколадото како побрзо да го снемува. Не ви се причинува. Наместо некогашните 100 грама, пакувањето може да тежи 80 грама. Наместо 300, на полицата стои 270 грама. Производот е помал, а купувачот лесно може воопшто да не го забележи тоа.

Овој начин на поскапување економистите го нарекуваат „шринкфлација“. Наместо производителот јасно да ја крене цената, ја намалува количината во пакувањето. Купувачот плаќа приближно исто, но добива помалку. Во економските анализи ова се третира како реално зголемување на цената по единица производ, иако бројката на етикетата можеби воопшто не се променила.

И не станува збор само за чоколадо.

Примери има кај јогуртите, каде чашка од 200 милилитри се намалува на 180 милилитри, но и кај супите, слатките, грицките и други производи. Проблемот, според познавачите на потрошувачките права, е што пакувањето често визуелно останува речиси непроменето. Потрошувачот посегнува по производ што со години го купувал и по навика претпоставува дека во него има иста количина.

„Сè изгледа исто, а количината е помала. Токму затоа купувачот може лесно да биде доведен во заблуда“, предупредуваат познавачи на потрошувачките права.

Тука е целата финта.

На декларацијата може сосема јасно да пишува дека чоколадото има 80 грама. Формално, информацијата е таму. Но колку луѓе во маркет земаат две чоколади, ги вртат од задната страна и пресметуваат колку денари плаќаат за 100 грама?

Најчесто се гледа крајната цена.

Токму на тоа, според економистите, се потпира и ефектот на шринкфлацијата. Класичното поскапување веднаш боде очи. Ако производ од 100 денари одеднаш стане 120 денари, купувачот забележува. Ако остане околу 100 денари, но од пакувањето исчезнат 10 или 20 грама, промената многу полесно поминува незабележано.

„Намалувањето на пакувањето со задржување на цената практично значи повисока цена по грам, литар или парче“, објаснуваат економисти кои го анализираат овој феномен.

Европските правила бараат нето количината на прехранбениот производ да биде наведена на пакувањето. Но расправата околу шринкфлацијата одамна не се сведува само на тоа дали бројката со грамови е отпечатена некаде на амбалажата. Прашањето е колку потрошувачот јасно може да ја забележи промената кога изгледот на производот останува ист или многу сличен. Во европските институции веќе се разгледуваат и модели со понагласено информирање кога производот ја намалува количината без соодветно намалување на цената.

За производителите, намалувањето на грамажата може да биде начин да се приспособат на повисоки трошоци без драстично да ја зголемат цената на полицата. За купувачот, математиката е многу поедноставна. Ако вчера за истите пари добивал 100 грама, а денес добива 80, производот за него е поскап.

Само што поскапувањето не го гледа веднаш.

Затоа економистите советуваат купувачите сè почесто да ја гледаат цената по килограм или по литар, кога таа е наведена на полицата, а не само големата бројка со крајната цена. Таа мала пресметка најлесно покажува што навистина се случило.
Оти понекогаш никој не ви ја кренал цената на чоколадото.

Само тивко ви зел две коцки од пакувањето.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП