Август полека завршува. Фотографиите од море остануваат во телефонот, куферите се враќаат во плакарите, а автомобилите повторно се паркираат пред зградите. За многу македонски семејства зад годишниот одмор, сепак, останува уште нешто, а тоа е значително потенка банкарска сметка.
И токму кога човек ќе помисли дека по летото конечно ќе дојде месец во кој ќе може малку да го стабилизира домашниот буџет, пристигнува септември.
Училиште, ранци, тетратки, прибор, облека, обувки, спортски активности, курсеви, превоз. Потоа редовните сметки, ратите за кредити и картички и трошоците што никогаш не исчезнале додека семејството било на одмор.
За родителите со едно, а особено со две или повеќе деца, септември одамна не е само почеток на учебната година. Тој е еден од финансиски најтешките месеци во годината.
Само основното опремување на ученик лесно создава сметка од неколку илјади денари. Нов ранец може да чини од околу 1.000 денари нагоре, а поквалитетните модели и неколку илјади. Кога ќе се додадат тетратки, пенкала, моливи, блокови, прибор за ликовно, футрола, опрема за физичко и останатите ситници, касата во книжарницата многу брзо покажува сума што родителот не ја очекувал.
А децата во септември не се враќаат на училиште само со нови тетратки. По летото често се потребни нови патики, фармерки, дуксер, јакна или друга облека. Детето што во мај носело еден број обувки, во септември можеби веќе бара друг. Кај семејство со две деца, една обична прошетка низ продавниците лесно може да се претвори во сериозен удар врз буџетот.
Тука приказната не завршува. Со почетокот на учебната година повторно почнуваат и тренинзите, школите за странски јазици, танцувањето, музичкото училиште, приватните часови и другите активности. Секоја од нив поединечно можеби не изгледа како огромен трошок, но кога ќе се соберат две деца и неколку активности, станува збор за нова редовна месечна ставка.
Затоа септември е особено незгоден месец оваа година.
Синдикалната минимална кошница за август веќе достигна 68.675 денари, а за семејство кое живее под кирија пресметката достигнува 84.050 денари месечно. Тоа се трошоци за нормално функционирање на домаќинството уште пред да се појават дел од вонредните издатоци карактеристични за почетокот на учебната година.
А македонските семејства влегуваат во овој период веднаш по најскапиот дел од летото. Едно семејно летување, дури и кога не станува збор за луксузен хотел, денес значи сместување, гориво, патарини, храна, лежалки, паркинг и секојдневни ситни трошоци. Доволни се седум или десет дена надвор од дома за од семејната сметка да исчезне значителна сума.
Некои луѓе тие пари ги штеделе со месеци. Други го користеле регресот за годишен одмор. Трети дел од летувањето го платиле со кредитна картичка или на рати.
Но септември не прашува како сте го платиле август, а училиштето почнува.
Токму тука се создава финансискиот „совршен бран“ – голем летен трошок веднаш проследен со нов голем сезонски трошок.
Ако едно семејство, на пример, потрошило 70.000 или 100.000 денари за летниот одмор, тоа не значи дека во септември неговите редовни месечни расходи ќе бидат помали. Напротив, на нив ќе се додадат подготовките за училиштето.
И затоа проблемот не е еден ранец од 2.000 денари или едни патики од 3.000 денари. Проблемот е што тие доаѓаат истовремено.
Ранецот, патиките, тетратките, облеката, тренингот и курсот по англиски пристигнуваат во истиот период во кој треба да се платат струјата, водата, интернетот, кредитот, горивото и храната.
Кај домаќинство со две деца, дополнителната септемвриска сметка многу лесно може да стане 10.000, 20.000, па и повеќе денари, зависно од тоа што треба да се купи и кои активности ги посетуваат децата.
А по септември нема долг период за финансиско закрепнување. Доаѓа есента, почнуваат повисоките сметки за електрична енергија и греење, се подготвува зимска облека, автомобилите бараат зимски гуми, а потоа следуваат слави, празници и Нова година.
Затоа периодот од август до декември за многу домаќинства се претвора во четири месеци во кои трошоците постојано се надоврзуваат еден на друг.
Можеби токму затоа денес толку многу луѓе имаат чувство дека платата „исчезнува“, иако не купиле ништо луксузно. Не мора да има нов телевизор, скап телефон или брендирана гардероба. Доволно е да имате две деца, автомобил, стан, неколку редовни сметки и нормална желба еднаш годишно семејството да замине на одмор. Тогаш математиката станува многу поинаква.
Летувањето завршува за десетина дена, но домашниот буџет може да го чувствува со месеци, а септември веќе чука на врата.
За илјадници родители следните недели затоа нема да бидат прашање само дали децата се подготвени за првиот училишен ден, туку ќе биде и многу попрактично прашање за тоа Колку ќе чини овој септември – и колку пари воопшто останаа по летниот одмор?
С.Б.



