ПочетнаЕКОНОМИЈАКаква иднина ги чека трговските центри?

Каква иднина ги чека трговските центри?

Пред десетина години често можеше да се слушне прогнозата дека интернет-продажбата ќе ги испразни трговските центри. Купувањето ќе се пресели на телефон, продавниците ќе се затвораат, а огромните објекти полека ќе стануваат непотребни. Тоа сценарио, барем засега, не се оствари. Но нешто друго веќе се случува. Трговските центри преживуваат така што престануваат да бидат само места за купување.

Кафулиња, ресторани, кина, фитнес-сали, детски игралишта, козметички салони, забавни содржини, па дури и простори за настани сè почесто заземаат место што некогаш беше резервирано речиси исклучиво за продавници.

Познавачите на пазарот велат дека тоа не е случајност.

„Ако трговскиот центар нуди само продавници, тогаш директно се натпреварува со мобилниот телефон на купувачот. А тоа е тешка битка“, оценуваат аналитичарите од секторот за малопродажни недвижности.

Истражувањата на потрошувачките навики покажуваат дека физичкото купување не исчезнува. Напротив, голем дел од потрошувачите и понатаму сакаат производот да го видат, допрат или пробаат пред да платат. Едно меѓународно истражување покажа дека 67 проценти од испитаниците претпочитаат купување во продавница наместо целосно преку интернет.

Но денешниот посетител бара повеќе.

Да купи патики, да испие кафе, детето да помине еден час во игротека, да руча, можеби да погледне филм. Сè на едно место. Токму затоа трговските центри постепено се претвораат во простори во кои купувањето е само еден дел од посетата.

Тој тренд веќе јасно се гледа во Европа. Анализите на пазарот покажуваат зголемен интерес за забавни и угостителски содржини, додека сопствениците на трговските центри сè повеќе вложуваат во реконструкција на постојните објекти наместо едноставно да додаваат уште редови продавници.

„Луѓето мора да добијат причина да дојдат. Самата можност нешто да се купи веќе не е доволна“, објаснуваат познавачите на малопродажбата.

Интернетот, сепак, останува најголемиот притисок. Потрошувачот денес може за неколку минути да спореди цени, да прочита оценки и да нарача производ без да стане од кауч. Со развојот на вештачката интелигенција, процесот може да оди уште подалеку. Новите дигитални асистенти веќе се развиваат во насока сами да пребаруваат, споредуваат и предлагаат производи според желбите и буџетот на купувачот.

Токму затоа физичките продавници се обидуваат да понудат нешто што тешко се става во пакет и се доставува на домашна адреса. Услуга, пробување, советување, дружење, забава, атмосфера.

Се менува и изборот на закупци. Покрај модните брендови, во центрите влегуваат фитнес-оператори, ресторани, салони за убавина, забавни концепти и различни услужни дејности. Анализите за 2026 година покажуваат дека побарувачката останува посилна кај добро позиционираните и посетени центри, додека послабите објекти се соочуваат со поголем притисок.

Тоа значи дека иднината нема да биде иста за сите.

„Најдобрите локации ќе продолжат да привлекуваат закупци. Проблем ќе имаат центрите што немаат јасна причина зошто луѓето би дошле токму таму“, велат економските аналитичари.

И тука веројатно се крие најголемата промена. Некогаш трговскиот центар се градеше околу продавницата. Во иднина, продавницата сè повеќе ќе биде само еден дел од поголема приказна.

Ќе се оди на кафе, ручек, тренинг, кино, игра со децата… а патем можеби ќе се купи и нешто.

За трговците, токму тоа „патeм“ станува најважниот дел од бизнисот.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП