ПочетнаЕКОНОМИЈАДали новиот закон го активира процесот на приватизација на АД ЕСМ?!

Дали новиот закон го активира процесот на приватизација на АД ЕСМ?!

Здружението на Инженери на Македонија спроведе анализа на Законот за јавни претпријатија и трговски друштва во сопственот или со учество на Република Македонија во која според нив членовите 7 и 12 отвораат едно сериозно и суштинско прашање. А тоа е дали за првпат во македонското законодавство се создава законска обврска државата да се повлече од сопственоста во компании за кои ќе се оцени дека повеќе не ги исполнуваат критериумите за државно учество?

Според Инженерите, особено внимание привлекува членот 7, каде што е наведено дека „правата на учество на Република Македонија во тие правни лица ќе се отуѓат со цел Република Македонија да ја напушти сопственичката структура“. Додаваат дека законодавецот не го користи изразот „може да се отуѓат“, туку „ќе се отуѓат“, со што не се предвидува можност, туку се воспоставува нормативна последица што следува доколку не се исполнети критериумите утврдени во членот 12.

„За подобро разбирање на можните последици од ова законско решение, неопходно е да се потсетиме на процесот започнат со Законот за преобразба на ЕСМ од 2004 година. Со тој закон започна реструктуирањето и приватизацијата на тогашното интегрирано Електростопанство на Македонија. Првиот чекор беше раздвојувањето на енергетските дејности во три засебни субјекти. МЕПСО го презеде преносот и управувањето со електроенергетскиот систем, ЕЛЕМ – денешен ЕСМ – го презеде производството на електрична енергија, а тогашното АД ЕСМ ги презеде дистрибуцијата и снабдувањето. Подоцна следеше приватизацијата на дистрибутивната дејност и продажбата на 90 проценти од акциите на АД ЕСМ на австриската компанија ЕВН, додека снабдувањето со електрична енергија постепено премина под ЕВН Хоум“, објаснуваат од здружението.

Сепак, проценката на Инженерите е дека процесот е започнат во 2004 година и тој не беше целосно завршен. МЕПСО остана државна компанија задолжена за преносот и управувањето со системот, а ЕСМ остана државна компанија задолжена за производството на електрична енергија. Но со формирањето на Министерството за енергетика во 2024 година се случи значајна институционална промена. МЕПСО премина под надлежност на новото министерство, со што преносниот систем доби уште поизразен статус на стратешка државна инфраструктура, додаваат од здружението.

„Денес ситуацијата е јасно разграничена. МЕПСО е директно поврзан со институцијата што ја креира и спроведува енергетската политика на државата, додека ЕСМ останува акционерско друштво во државна сопственост под надлежност на Владата. Оттука произлегува прашањето дали државата постепено го издвојува преносот како стратешка и трајно државна дејност, а производството го поставува како дејност која во иднина може да биде предмет на поинаква сопственичка структура“, велат Инженерите.

Дополнителни дилеми кои ги отвораат при анализа на критериумите од членот 12. Е тоа што, Законот предвидува државата да остане сопственик кога станува збор за добра од општ интерес, инфраструктура и природни монополи, јавни услуги, влијание врз Буџетот, активности што придонесуваат за стабилноста и развојот на економијата и дејности од јавен интерес. Додаваат дека, ако овие критериуми се анализираат во контекст на денешната позиција на ЕСМ, се отвораат повеќе прашања отколку одговори.

„Најнапред, производството на електрична енергија повеќе не може едноставно да се смета за природен монопол. Природен монопол претставуваат преносната и дистрибутивната мрежа, бидејќи е неекономично да постојат повеќе паралелни системи. Но производството на електрична енергија денес е отворено за конкуренција. Голем број приватни компании инвестираат во фотоволтаични и ветерни електрани и произведуваат електрична енергија што ја продаваат на пазарот. Во такви услови се поставува прашањето дали производството сè уште може да се третира како дејност што мора да остане во државна сопственост.“ се наведува во анализата на Инженерите.

Критериумот пак што се однесува на влијанието врз Буџетот добива сосема поинаква димензија ако се има предвид финансиската состојба на ЕСМ. Наместо да се дискутира за приходите што компанијата ги обезбедува за Буџетот, експертите велат дека сè почесто јавноста расправа за потребата државата финансиски да го поддржува опстанокот на компанијата, особено по енергетската криза и акумулираните финансиски обврски. Слична дилема се отвора и кај критериумот што се однесува на стабилноста и развојот на економијата. Повеќе од две децении не се реализирани стратешките проекти Чебрен, Галиште, Бошков Мост, Вардарска Долина и современи когенеративни централи. Истовремено, државата се подготвува за постепено затворање на јагленските капацитети и спроведување на зелената транзиција. Во такви околности легитимно е да се постави прашањето дали ЕСМ денес располага со доволен развоен потенцијал за да ја обезбеди долгорочната енергетска стабилност на државата.

„Особено интересен е и критериумот „добро од општ интерес“. Доколку електричната енергија може да ја произведуваат приватни компании, па дури и самите потрошувачи преку концептот на просјумери, дали законодавецот во иднина би можел да оцени дека државното производство повеќе не е неопходен услов за обезбедување на тоа добро? Во таков случај државата би можела да ја задржи контролата врз преносот и системските услуги, а производството да го препушти на пазарот“, велат Инженерите.

Дополнителна загриженост за експертите предизвикува и сè почестата употреба на терминот „домашно производство“ наместо „државно производство“. На прв поглед станува збор за мала терминолошка разлика, но суштински таа носи различно значење.

Државното производство подразбира производство во сопственост на државата. Домашното производство, пак, подразбира производство на територијата на државата без оглед дали сопственик е државата, домашен приватен инвеститор или странска компанија. Токму оваа промена во терминологијата може да биде показател за промена на концептот – од државна енергетска независност кон пазарна енергетска независност.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП