ПочетнаЕКОНОМИЈАКаде најмногу се исплати да се изнајми стан во Скопје?

Каде најмногу се исплати да се изнајми стан во Скопје?

Да најдеш стан под кирија во Скопје денес не е проблем. Да најдеш добар стан, на добра локација и по цена што нема да ти изеде половина плата, е веќе друга приказна. Огласите се полни, избор има, но разликата од една до друга населба може да значи и стотина евра повеќе во семејниот буџет секој месец.

Актуелните податоци од огласите покажуваат дека просечната барана кирија во Скопје во август изнесува околу 8 евра за квадратен метар, а просечната месечна цена е околу 475 евра. Сепак, просекот лесно може да измами. Центар, Карпош и Аеродром се движат околу 8 евра за квадрат, Кисела Вода и Гази Баба околу 7, а Ѓорче Петров и Чаир околу 6 евра за квадрат.

Токму тука почнува математиката на закупците.

Оние што сакаат да бидат блиску до централното градско подрачје, но не сакаат да платат цена како за строг Центар, сè почесто гледаат кон Кисела Вода. Во актуелните огласи може да се најде стан од 42 квадратни метри за околу 250 евра, додека модерно опремени станови од околу 45 квадрати се нудат и за 350 евра. Просечната барана кирија во оваа населба е околу 7 евра за квадрат.

За познавачите на пазарот, токму населбите што се на неколку километри од Центар можат да понудат подобар однос меѓу цената и квадратурата.

Гази Баба и Автокоманда исто така влегуваат во оваа сметка. Во понудата има гарсониера од 35 квадратни метри во Автокоманда за 10.000 денари месечно, но и поголеми станови од 41 до 84 квадрати што се нудат за 270 до 300 евра. Се разбира, состојбата на станот, наместеноста, греењето и точната микролокација прават огромна разлика.

Уште поевтини, барем според просечната цена по квадрат, се Ѓорче Петров, Чаир и Бутел, каде што огласените кирии се движат околу 6 евра за квадрат. Тоа не значи дека секој стан таму е евтин, но закупец што не мора секое утро да биде во Центар за десетина минути може значително да заштеди.

Аеродром останува една од најбараните опции. Причините се познати: продавници, училишта, паркови, трговски центри, јавен превоз и голема понуда на станови. Но популарноста си има цена. Во актуелните огласи има станови од околу 63 до 70 квадрати за 300 до 350 евра, додека подобро опремените станови одат и над 400 евра.

Слично е и во Карпош. Добрата локација, близината до центарот и големиот број содржини ја држат населбата меѓу поскапите. Кај помалите и подобро опремени станови, огласените цени од 400 или 500 евра веќе не се никакво изненадување.

Но има една работа што закупците често ја забораваат: цената во огласот не мора да биде и конечната цена.

Познавачите на пазарот посочуваат дека зголемената понуда им дава поголема преговарачка моќ на луѓето што бараат стан.

„Денес, закупците имаат многу поголем избор отпорано и може полесно да преговараат за цената“, посочуваат од агенциите за недвижности.

Од агенциите додаваат дека има случаи кога стан долго стои празен, па сопственикот на крај ја коригира сумата. Нивната логика е едноставна: „Подобро станот да биде издаден по пониска цена отколку да остане празен“.

Затоа, ако единствен критериум е цената, Ѓорче Петров, Чаир и Бутел се меѓу поисплатливите опции. Ако се бара рамнотежа меѓу цена, пристапност и близина до центарот, Кисела Вода и делови од Гази Баба стануваат посериозни кандидати.

А ако условот е Центар, Карпош или Аеродром, тогаш треба повеќе трпение. И малку пазарење. Понекогаш и тие 50 евра што на почеток изгледаат „фиксни“ не се баш толку фиксни.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП