ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во ЕУ порасна на 3 проценти

Инфлацијата во ЕУ порасна на 3 проценти

Годишната стапка на инфлација во Европската Унија се искачи на 3,0 проценти во јули 2026 година, од 2,9 проценти во јуни, според најновите податоци на Евростат. Во истиот месец минатата година, инфлацијата во ЕУ изнесуваше 2,4 проценти.

Во еврозоната, годишната инфлација во јули изнесуваше 2,9 проценти, по 2,8 проценти во јуни. Една година претходно, стапката беше 2,0 проценти.

Најниска годишна стапка на инфлација меѓу членките на ЕУ е забележана во Шведска – 0,3 проценти, додека во Чешка изнесуваше 1,3 проценти. Данска и Унгарија имаа инфлација од по 1,6 проценти.

На другиот крај од листата е Романија, каде што годишната инфлација во јули изнесуваше 8,2 проценти. Литванија следи со 5,4 проценти, додека Кипар и Бугарија забележаа по 4,4 проценти.

Меѓу поголемите европски економии, годишната инфлација во Германија беше 2,8 проценти, во Франција 2,4 проценти, во Италија 2,9 проценти, додека во Шпанија достигна 3,9 проценти.

Во Хрватска, инфлацијата во јули изнесуваше 3,6 проценти, во Словенија 3,0 проценти, а во Словачка 3,2 проценти.

Во споредба со јуни 2026 година, годишната инфлација се намали во 15 земји-членки, остана непроменета во три, додека се зголеми во девет држави.

Кога станува збор за движењето на цените на месечно ниво, во јули во споредба со јуни, цените се зголемија за 0,2 проценти и во ЕУ и во еврозоната.

Најголем придонес кон годишната инфлација во еврозоната во јули имаа услугите, со 1,55 процентни поени. Енергијата придонесе со 0,94 процентни поени, додека индустриските производи без енергија, како и храната, алкохолот и тутунот, придонесоа со по 0,23 процентни поени.

Евростат ја мери инфлацијата со хармонизиран индекс на потрошувачки цени (HICP), што овозможува споредба на движењето на цените меѓу земјите-членки на ЕУ.

Од 1 јануари 2026 година, еврозоната има 21 членка, откако Бугарија ѝ се придружи.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП