Да снема струја е проблем. Да нема греење е уште поголем проблем. Но за дел од граѓаните, судејќи според едно истражување спроведено во Австрија, сериозна грижа е и да останат без интернет и без мобилен телефон. Толку сериозна што сметките за телефонските и интернет услугите се плаќаат пред некои други трошоци што традиционално се сметаат за поважни.
Истражувањето за платежните навики покажало дека сметките кон мобилните оператори и интернет провајдерите во Австрија добиваат приоритет пред трошоците за градинка, кирија или лекарски сметки. Тоа не значи дека луѓето не ги сметаат домувањето или здравјето за важни, туку покажува колку интернетот и мобилниот телефон станале дел од секојдневното функционирање.
Телефонот одамна не служи само за јавување. Преку него се плаќа, се работи, се комуницира со семејството, се чита електронска пошта, се користат банкарски услуги, се закажуваат обврски. Кога ќе исчезне сигналот или интернетот, кај дел од луѓето не се јавува само нервоза. Се јавува чувство дека одеднаш се отсечени од секојдневието.
Токму затоа истражувачите во психологијата го користат терминот „номофобија“, односно страв или вознемиреност кога човекот нема пристап до мобилниот телефон или не може да го користи. Во научната литература ова се опишува како „непријатност, нервоза или вознемиреност предизвикана од неможноста да се биде во контакт преку мобилниот телефон“.
Бројките од австриското истражување покажуваат уште една страна на приказната.
Повеќе од половина од испитаниците, односно 55 проценти, признале дека во претходната година најмалку една сметка ја платиле со задоцнување или воопшто не ја платиле. Европскиот просек во истото истражување бил 47 проценти.
Проблемот, според податоците, во голем дел од случаите бил едноставен. Нема доволно пари.
Околу 40 проценти од испитаниците го поврзале доцнењето со сметките со недостиг од лична ликвидност. Со други зборови, платата или расположливите средства не биле доволни за сите обврски во моментот кога требало да се платат. Истовремено, две третини од испитаниците рекле дека секој месец оставаат одредена сума настрана.
И тука се гледа интересниот парадокс. Се штеди, а сметките сепак доцнат. Кога мора да се избира што ќе се плати веднаш, телефонот и интернетот очигледно многу често се качуваат високо на листата.
Познавачите на потрошувачкото однесување ваквите навики ги поврзуваат со фактот што мобилниот телефон веќе има многу повеќе функции од обичен комуникациски уред. Научни истражувања за номофобијата посочуваат дека вознемиреноста може да се појави кога телефонот е изгубен, кога нема мрежа, кога батеријата е празна или кога корисникот едноставно нема пристап до уредот.
„Стравот од одвоеност од мобилната поврзаност“ е една од формулациите што истражувачите ја користат за да ја опишат појавата.
Секако, не секој што нервозно бара полнач или веднаш ја плаќа сметката за интернет има психолошки проблем. Но платежните навики покажуваат нешто многу попрактично. Интернетот веќе не се доживува како дополнителен трошок кој лесно може да се прецрта кога парите се куси.
Некогаш домаќинствата прво гледаа да имаат платено струја, вода и кирија. Денес во таа група сè почесто се туркаат и интернетот и мобилниот телефон.
Да бидеш „офлајн“, барем за некои луѓе, веќе не звучи како мала непријатност. Звучи како сметка што подобро да не ја заборавиш.
Б.З.М.



