ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопјани ги добија поскапите сметки за парно!

Скопјани ги добија поскапите сметки за парно!

На домашните адреси пристигнаа сметките за парно греење на домаќинствата кои се приклучени на системот за парно греење во главниот град. Од реакциите во јавноста поголем дел од корисниците велат дека сметката за затоплување на домовите им била повисока од онаа што ја најавија надлежните. Пресметките од Регулаторната комисија за енергетика беше дека зголемувањето ќе биде речиси 6 проценти.

Оваа пресметка важи за најголемиот дел од корисниците на топловодната мрежа во Скопје кои според најновата одлука на регулаторна од 1 август ќе плаќаат 5,96 отсто повисока цена за топлинска енергија. Според пресметката на Регулаторната комисија за енергетика, просечната месечна сметка за стан од 60 квадратни метри ќе се зголеми од 2.353 на 2.493 денари, односно за околу 140 денари.

Доколку се направи пресметка за помали станови кои се до 40 квадратни метри трошокот би бил нешто под 100 денари месечно или дваесетина евра за цела година. Корисниците на парно кои живеат во станови поголеми од 80 квадрати ќе треба да издвојуваат од својот буџет речиси 3500 денари месечно или над 40 илјади денари годишно.

Од Регулаторната комисија за енергетика потенцираа дека и натаму најефикасно е греењето со парно согласно цените на другите енергенси. Во текот на ланската година имало над 1100 нови приклучоци на домаќинства кои ќе се греат на парно, а во текот на целата ланска година немало ниту еден корисник кој се откажал од парнотот греење во Скопје. Доколку во иднина некој сака да се исклучи од парното греење во главниот град мора да достави елаборат до регулаторот кој ќе покаже дека вградил инсталација која е поисплатлива за греење од централното парно.

Во исто време на сила се и новите правила за градба кои велат дека инвеститорите се обврзани новоизградените објекти да ги приклучат на системот за парно греење доколку во нивниот реон има инфраструктура за таа намена, се со цел да се заштеди и на електрична енергија која е се поскапа за производство.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП