Тегла мед на маса. Убава златна боја, густа структура, етикета со пчела и цветови. На прв поглед, сè изгледа како што треба. Но, токму медот е еден од производите кај кои потрошувачот тешко може само со гледање или пробување да открие дали го добил она што го платил. Причината е едноставна: современото фалсификување одамна не значи само додавање вода и обичен шеќер.
На пазарот можат да се најдат производи во кои природниот мед е помешан со поевтини шеќерни сирупи, а некои од нив се направени така што по состав многу наликуваат на вистински мед. Европските стручни служби предупредуваат дека сирупите од ориз, пченица и шеќерна репка сè почесто ги заменуваат старите и полесно препознатливи сирупи од пченка.
Затоа, првото нешто што треба да се знае е дека нема магичен кујнски тест.
„Потрошувачите не се во позиција сами да добијат гаранција дека медот не е фалсификуван без специјализирани инструменти и знаење“, посочуваат европските стручни служби задолжени за контрола на храната.
Со други зборови, приказните дека вистинскиот мед мора да остане на лажичката, да не се раствора во вода, да гори кога ќе се доближи пламен или задолжително да се кристализира по одредено време не можат да дадат сигурен одговор.
Особено кристализацијата често ги збунува купувачите. Некои мислат дека ако медот се заслади и стане цврст, тогаш е вистински. Други, пак, веднаш се сомневаат дека нешто не е во ред.
Вистината е дека природниот мед може да биде течен, густ, делумно или целосно кристализиран. Тоа зависи од неговото ботаничко потекло и од односот на различните шеќери во него. И бојата може да оди од речиси безбојна до темнокафеава. Значи, ниту бојата, ниту густината сами по себе не се доказ.
На што тогаш да внимава купувачот?
Етикетата е првата станица. Треба да се провери кој е производителот или пакувачот, земјата на потекло, дали станува збор за мешавина и дали информациите се јасни или намерно нејасни.
Стручните служби советуваат потрошувачите да бидат внимателни и кога цената изгледа премногу добра за да биде реална. Медот има трошоци за производство, пчеларење, вадење, складирање и пакување. Драстично ниската цена не е доказ за измама, но е причина да се погледне двапати што точно се купува.
Меѓународните стандарди се прилично прецизни.
„Во медот што се продава како мед не смее да биде додадена друга прехранбена состојка, ниту друг додаток освен мед“, стои во стандардите за овој производ.
Тоа значи дека производ збогатен со шеќерен сируп не треба да се продава како чист мед.
Познавачите советуваат да се обрне внимание и на мирисот и вкусот. Природниот мед вообичаено има арома што е поврзана со растението од кое потекнува. Но и тука нема стопроцентно правило што потрошувачот може да го примени дома. Различните видови мед имаат различен мирис, боја и интензитет.
Колку е тешко фалсификатот да се препознае покажуваат и европските контроли. Во една голема координирана проверка, 46 отсто од анализираните примероци увезен мед биле означени како сомнителни за неусогласеност. Истовремено, надлежните предупредуваат дека дури и дел од официјалните лабораториски методи тешко ги откриваат поновите, специјално приспособени шеќерни сирупи.
Затоа советот за купувачите е прилично приземен: читајте ја декларацијата, проверете го потеклото, не паѓајте на сомнително ниска цена и, кога можете, купувајте од производител чија работа и потекло на медот можат да се проверат.
А тестот со лажичка, вода или запалка?
Може да биде интересен експеримент во кујната. Само не и доказ дека во теглата навистина има чист мед.
Б.З.М.



