Перењето алишта изгледа како ситен трошок. Една машина денес, уште една утре, малку прашок, омекнувач… Но кога ќе се соберат струјата, водата, детергентот и останатата куќна хемија, оваа секојдневна работа веќе не е толку евтина. Особено во семејства каде што машината работи речиси секој ден.
Најголемата грешка, според познавачите на потрошувачките навики, е што ретко кој пресметува колку навистина чини едно перење. Детергентот се купува кога ќе се потроши, омекнувачот кога шишето ќе се испразни, а машината се пушта кога корпата ќе се наполни. Или кога во неа има само неколку маици што ни требаат за утре.
Токму тука почнува непотребното трошење.
Големите семејни пакувања детергент најчесто се поисплатливи ако се спореди цената по килограм или по едно перење. Разликите меѓу редовната и акциската цена можат да бидат значителни, па дел од потрошувачите хемијата ја купуваат речиси исклучиво кога е на попуст. Од друга страна, големото пакување бара поголем трошок одеднаш, а не секое домаќинство има простор за складирање.
Затоа советот е едноставен: не гледајте само колку чини пакувањето. Гледајте колку чини килограмот, литарот или една доза.
Истата логика важи и за течните детергенти. Тие можат да бидат поскапи од прашкастите варијанти, а разликата меѓу редовните и промотивните цени често е голема. Тоа не значи дека секоја акција е добра зделка. Ако едно големо пакување е намалено, но сепак има повисока цена по перење од помало пакување на друг производ, математиката е јасна.
Но детергентот е само половина од приказната.
Голем дел од струјата при перењето се троши за загревање на водата. Затоа пониската температура може директно да ја намали потрошувачката. Енергетските советници препорачуваат: „Перете ги алиштата на 30 степени наместо на повисока температура“, особено кога станува збор за облека што не е силно извалкана.
Секако, не значи дека сè треба да се пере ладно. Постелнина, крпи или облека за која производителот препорачува повисока температура треба да се пере според упатството. Но маица носена еден ден не мора секогаш да минува низ циклус на 60 степени.
Втората евтина финта е уште поедноставна: машината нека биде добро наполнета.
Полупразна машина троши вода и струја за многу помалку алишта. Европските препораки за енергетска ефикасност советуваат полни товари кога тоа е можно и користење на програмата „еко 40-60“, која кај поновите машини е предвидена токму за поефикасно перење.
Само не треба да се оди во другата крајност. Ако барабанот е натрупан до точка алиштата едвај да се движат, перењето може да биде полошо, па машината повторно ќе мора да се пушти.
И уште една работа што често се прави „од око“: детергентот.
Повеќе прашок не значи почисти алишта. Напротив, непотребно се троши производ, а може да останат и траги на ткаенината. Советот на специјалистите за енергетска ефикасност е краток: „Користете ја правилната количина детергент“.
Тука има простор за заштеда и кај омекнувачот. Големото миризливо капаче до врв можеби изгледа како гаранција дека облеката ќе мириса подобро, но честопати е само дополнителен трошок.
На крајот на краиштата, нема некоја голема тајна. Поевтиното перење не значи валкани алишта или откажување од омекнувачот. Значи да не се пушта машина за три маици, да не се вари секоја маица на висока температура и да не се истура половина шише детергент во една тура.
Малку математика пред полицата во продавница и малку повеќе внимание пред да се притисне копчето „старт“. Токму таму остануваат парите.
Б.З.М.



