Донациите од рускиот бизнис во федералниот буџет достигнаа рекордни 383,7 милијарди рубљи, односно околу 4,5 милијарди долари, до средината на август, покажуваат пресметките на руското издание „Ведомости“. Тоа е 1,5 пати повеќе во споредба со приливите во истиот период минатата година, кога биле собрани 251 милијарда рубљи.
Оваа ставка во буџетските приходи се појави во 2022-ра година, односно по почетокот на целосната руска инвазија врз Украина. Во почетокот во неа биле вклучени средствата од такси што ги плаќале странските компании кои ја напуштале Русија. Во последните години, меѓутоа, и руски олигарси доброволно уплаќаат средства во буџетот.
Според медиумските објави, повици за донации имало за време на состанокот на Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи кон крајот на март, потсетува „Ведомости“. На состанокот присуствувал и рускиот претседател Владимир Путин.
Во својот говор пред претставниците на индустријата, објавен на веб-страницата на Кремљ, Путин зборувал за проблемите во светската економија по почетокот на војната на Блискиот Исток и повикал на одговорно трошење на средствата што бизнисмените ќе ги добијат поради повисоките цени на суровините.
Претседателот на Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи, Александар Шохин, кој е дел и од раководството на владејачката партија „Единствена Русија“, тврди дека врз бизнисот нема притисок да уплаќа средства во буџетот.
Според него, голем дел од бизнисмените донираат средства од семејни фондови, а не само од корпорациите со кои управуваат. Шохин додава дека висината на сумите се усогласува со финансиската состојба на компаниите, за да не им се создава дополнителен товар.
Сепак, „Ведомости“ забележува дека приливите по оваа ставка нагло почнале да растат по март. До тогаш, донациите од бизнисот изнесувале околу 15,6 милијарди рубљи, додека во април се зголемиле десеткратно, достигнувајќи 159,7 милијарди рубљи.
Последните податоци за извршувањето на буџетот, кои на почетокот на август ги објави руското Министерство за финансии, покажуваат продлабочување на финансиските проблеми.
Буџетскиот дефицит веќе е речиси двојно поголем од планираните 3,7 трилиони рубљи и достигна речиси 6,5 трилиони рубљи, односно околу 77 милијарди долари.
Според пресметките на опозицискиот медиум „The Moscow Times“, од почетокот на војната во Украина, буџетските трошоци за производство и набавка на оружје, платите за армијата, како и вкупните расходи поврзани со одбраната и безбедноста, веќе надминале 50 трилиони рубљи, односно околу 590 милијарди долари.
Тоа покажува колкав финансиски товар за рускиот буџет претставуваат војната и зголемените издатоци за одбраната, во услови кога државата истовремено се соочува со растечки буџетски дефицит.



