ПочетнаКОМПАНИИ„Carlsberg“ бележи слаб раст на продажбите

„Carlsberg“ бележи слаб раст на продажбите

Растот на обемот на продажбите на „Carlsberg“ беше послаб од очекуваниот во првата половина од годината, бидејќи намалената побарувачка за пиво во Европа и Азија го ублажи силниот раст кај безалкохолните пијалаци, објави „Bloomberg“.

Органскиот обем на продажбите во првата половина од годината се зголемил за 1,7 отсто, што е под очекувањата на аналитичарите од 1,9 отсто. Силниот раст кај безалкохолните пијалаци и безалкохолното пиво бил поддржан и од малото зголемување на продажбата на премиум пивото.

Обемот на продажбата останал непроменет во Западна Европа и Азија, додека продажбата во Кина била особено погодена од неповолните временски услови.

Во исто време, „Carlsberg“ ја стесни прогнозата за растот за целата година кон горната граница од претходно предвидениот опсег, делумно благодарение на силните резултати во сегментот на безалкохолните пијалаци. Компанијата сега очекува раст на оперативната добивка од 4 до 6 отсто во 2026-та година, во споредба со претходно предвидениот опсег од 2 до 6 отсто.

„Carlsberg“, чии брендови на пиво ги вклучуваат „Kronenbourg“, „Tuborg “и истоименото лагер-пиво, под раководство на извршниот директор Јакоб Ааруп-Андерсен се обидува да ја намали зависноста од алкохолните пијалаци.

Притисокот од зголемените трошоци за живот, како и здравствените причини, сè повеќе ги насочуваат потрошувачите кон безалкохолно пиво и безалкохолни пијалаци, но и кон алтернативи како газирана вода со висока содржина на калциум и магнезиум.

Минатата година компанијата го заврши преземањето на „Britvic“, производителот на овошните пијалаци „Robinsons“ и „J2O“. Ааруп-Андерсен изјави дека „повисоките од очекуваните синергии“ од преземањето биле еден од факторите за одлуката да ја подобри прогнозата.

„Делот од бизнисот со безалкохолни пијалаци се развива неверојатно добро“, изјави тој за „Bloomberg“, додавајќи дека овој сегмент сега сочинува околу една третина од вкупните продажби на компанијата.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП