ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД и Кина се водечки пазари на дата-центри во светот

САД и Кина се водечки пазари на дата-центри во светот

САД и Кина остануваат водечки пазари на центри за податоци во светот според вкупниот капацитет, но Малезија забележала најбрз раст – од дури 132 проценти за само две години, покажуваат податоците на консултантската компанија „Savills“.

Индонезија, Саудиска Арабија, Финска, Индија, Филипини и Австралија, исто така, многу брзо го зголемуваат капацитетот и достигнуваат значителни размери.

Според податоците на консултантската компанија, малезискиот град Џохор Бахру, кој се наоѓа од другата страна на мостот што го поврзува со Сингапур – земја со голема побарувачка за обработка на податоци, но ограничени просторни и енергетски ресурси – придонел за забрзување на растот на ИТ-капацитетите на центрите за податоци во Малезија од 2024-та година наваму.

Џохор Бахру сега располага со оперативен капацитет од 1.310 мегавати. Индонезија забележала раст од 66 проценти од 2024-та година, Индија од 35 проценти, а Австралија од 32 проценти, при што и овие земји за релативно краток период достигнале значителни капацитети, покажува анализата на „Savills“, базирана на податоци од компанијата „DC Byte“.

Саудиска Арабија, Филипини и Финска, исто така, бележат брз раст, но нивниот капацитет и натаму е релативно мал во глобални рамки.

Како што се очекуваше, САД се доминантен светски пазар според капацитетот на центрите за податоци, со околу 50 гигавати активна ИТ-мрежна моќност. Од 2024-та година американскиот капацитет е зголемен за 19 проценти. На второ место е Кина.

Јапонија, Велика Британија, Германија, Ирска и Холандија, исто така, се големи и зрели пазари со значителни апсолутни капацитети, но нивниот раст во последниот период е поскромен поради сè поголемите ограничувања за пристап до електропреносната мрежа.

Од „Savills“ оценуваат дека овие веќе воспоставени екосистеми, благодарение на нивната поврзаност и широката база на клиенти, ќе останат клучни светски пазари, иако изградбата на нови центри за податоци станува сè потешка поради различните ограничувања поврзани со трошоците, достапноста на земјиште, капацитетот на електропреносната мрежа и градежниот сектор.

„Тешко дека некого ќе изненади тоа што САД остануваат светски лидер според капацитетот на центрите за податоци, а по нив се наоѓаат другите зрели пазари“, коментира Пол Тостевин, раководител на одделот за глобални анализи во „Savills“.

„Некои од интересните трендови се забележуваат кај помалите земји, кои нудат алтернативи, бидејќи градежните компании сè повеќе се насочуваат кон местата каде што има достапен капацитет, наместо да се водат само според побарувачката. Релативниот раст на земји како Малезија и Индонезија за само неколку години е исклучителен, а друга група земји не заостанува многу“, додава тој.

Според Тостевин, овие земји сепак ќе мора да најдат начин да ги балансираат проблемите што понекогаш го ограничуваат растот на позрелите пазари.

„Тоа се, пред сè, пристапот до електропреносната мрежа, трошоците за енергија, достапноста на земјиште и вода, како и влијанието врз животната средина“, посочува тој.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП