„OpenAI“ најави нова верзија на „ChatGPT“ наменета за корисници на возраст од 13 до 17 години, со посебни безбедносни заштити, родителска контрола и функции за учење.
Новата верзија треба да стане стандардното искуство за тинејџерите. Системот е развиен во соработка со Универзитетот „Стенфорд“, а меѓу функциите се и оние што треба да ги поттикнат учениците самостојно да ги решаваат проблемите, наместо „ChatGPT“ едноставно да им ги дава готовите одговори, пренесува „Fox Business“.
Меѓу новите функции ќе има квизови и потсетници за одговорно користење на „ChatGPT“ при изработка на домашните задачи, како и опција со која тинејџерот или родителот ќе може да одреди периоди во кои ќе биде активиран режимот за учење.
За тинејџерите ќе важат и построги правила во однос на самоповредувањето, насилството, нарушувањата во исхраната, опасните активности, како и експлицитната сексуална и графичка содржина.
При првичното поставување на профилот, тинејџерите ќе добиваат и предупредувања да не објавуваат приватни фотографии или фотографии што содржат чувствителна содржина.
„OpenAI“ воведува заштити и од емоционална зависност од „ChatGPT“. Така, моделот нема да користи јазик што сугерира романтични чувства кон корисникот, ниту ќе тврди дека поседува лични чувства или свест.
Покрај тоа, „ChatGPT“ нема да се претставува себеси како поважен од семејството, пријателите, наставниците, менторите или другите лица од доверба во животот на тинејџерот.



