„Škoda“ пред речиси пет години го претстави моделот „Slavia“ во Индија, а сега на тамошниот пазар ја претстави и освежената верзија на автомобилот.
„Slavia“ е еден од клучните модели во понудата на „Škoda“ – „Made in India, for India“, а обновената верзија доби изменета предна маска со нови предни светла. Тука се и редизајнираниот браник со поспортски отвори за воздух, нови светла за магла и поширока хромирана лајсна.

На останатиот дел од каросеријата промените се значително посуптилни. Автомобилот сега има редизајнирани фелни, додека на задниот дел се поставени нови светла со секвенцијални покажувачи за правец, пренесува „CarScoops“.
Промените во кабината се поскромни, но „Škoda“ подготви нови комбинации на бои и материјали, како и интересна новина за патниците на задните седишта – функција за масажа.

Тука е и новиот мултимедијален систем со екран со дијагонала од 10,1 инчи. Негов дел е и „AI Companion“, базиран на технологијата „Google Cloud Automotive AI Agent“. Системот е специјално приспособен за индискиот пазар и може да препознава различни акценти на англискиот јазик што се користат во Индија.
AI асистентот овозможува управување со музиката, повиците и поставките на климатизацијата без употреба на рацете. Инструмент-таблата исто така е унапредена, па „Slavia“ сега има поголем дигитален екран со дијагонала од 10,25 инчи.

„Škoda Slavia“ и понатаму ја користи локално развиената MQB-A0-IN платформа, додека во понудата остануваат познатите 1,0- и 1,5-литарски TSI мотори.
Послабиот 1.0 TSI развива 115 коњски сили и 178 Nm, а може да се комбинира со шестстепен мануелен менувач или со нов автоматски менувач со осум брзини. Тој го заменува досегашниот шестстепен автоматик.

Посилниот 1.5 TSI произведува 150 коњски сили и 250 Nm и и понатаму се комбинира со седумстепен DSG менувач. „Škoda“, сепак, направи уште една техничка промена, па верзиите со овој мотор сега на задната оска имаат диск-сопирачки наместо барабан-сопирачки.
Иако „Slavia“ првенствено е наменета за индискиот пазар, „Škoda“ овој модел го извезува и во други земји во Азија, Африка и на Блискиот Исток. Се очекува таа практика да продолжи и со рестилизираната верзија.



