Она што со месеци беше најавувано, почнува да се чувствува и на граничните премини. Според информации од терен, денеска на граничниот премин Табановце има сериозно забавување на протокот, а една од причините е постапувањето кон возачи со странски регистарски таблички кои имаат евидентирани сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“, познат како „Сејф сити“.
Практично, за странците завршува периодот во кој камерите ги регистрираа прекршоците, но државата немаше ефикасен механизам како да им ги наплати казните.
МВР уште минатата недела најави дека Табановце ќе биде првиот граничен премин на кој ќе почне новиот начин на постапување со возилата со странски таблици.
Според најавената процедура, кога возач со странско возило за кое во системот е евидентиран прекршок ќе пристигне на граничниот премин, тој ќе биде известен за сторениот прекршок. Потоа му се издава записник за прекршување на сообраќајните правила и прекршочен платен налог.

Возачот ќе има можност да ја плати казната, а доколку тоа не се случи, предвидено е случајот да може да продолжи пред надлежен суд во забрзана постапка.
Важно е да се нагласи дека „Сејф сити“ и досега ги регистрираше прекршоците направени со автомобили со странски регистарски таблички.
Само во периодот од 2 до 8 февруари годинава системот регистрирал 4.991 сообраќаен прекршок, од кои дури 641 биле направени од возачи на автомобили со странски таблици, покажуваат официјалните податоци на МВР.
Проблемот досега беше наплатата.
За домашните возачи системот располага со податоци преку кои може да се идентификува сопственикот и да му биде доставена казната. Кај странските возила тоа беше значително покомплицирано.
Токму затоа МВР се одлучи за модел во кој неплатените и евидентираните прекршоци ќе ги „чекаат“ странските возачи на граничните премини.
Транзитот низ Македонија повеќе не значи дека казната ќе се избегне
Новината е особено значајна во летниот период, кога низ Македонија транзитираат огромен број автомобили од Србија, Косово и европските земји кон Грција, но и во обратна насока.
Коридорот 10 е еден од најфреквентните транзитни правци во регионот, а камерите на „Безбеден град“ покриваат делови од патната мрежа по која се движат овие возила.

Тоа значи дека странски возач кој, на пример, бил фотографиран како вози над дозволената брзина додека транзитирал низ Македонија, повеќе не треба да смета дека со напуштањето на земјата прекршокот практично исчезнал.
При доаѓањето на граница системот може да покаже дека за возилото постои регистриран прекршок, по што започнува постапката.
Табановце е само почеток
Според најавите од Министерството за внатрешни работи, моделот нема да остане ограничен само на Табановце.
Планот е ваквиот начин на постапување постепено да биде воведен на сите гранични премини во земјата.
Тоа суштински го затвора еден од најголемите недостатоци што го имаше „Сејф сити“ од почетокот на неговото функционирање – различниот третман на домашните и странските регистарски таблички.



