Отказот ретко доаѓа како гром од ведро небо. Во голем број случаи, неколку недели или месеци претходно веќе има сигнали дека нешто се менува. Шефот станува пократок во разговорите, важните задачи одеднаш ги добива некој друг, состаноците продолжуваат без вас, а работата што до вчера била ваша полека се префрла кај колегите.
Познавачите на пазарот на труд велат дека ниту еден од овие знаци сам по себе не мора да значи отказ. Но, кога ќе се појават неколку одеднаш, ситуацијата веќе заслужува внимание.
„Најчесто вработениот чувствува дека нешто не е во ред уште пред да добие официјална информација. Се менува комуникацијата, се менуваат задачите, а понекогаш и односот на претпоставените“, велат експерти за човечки ресурси.
Одеднаш останувате без важни задачи
До вчера сте воделе клиенти, проекти или дел од работата без кој тимот не можел да функционира, а сега сè почесто слушате дека некој друг ќе го преземе тоа.
Ова е еден од посериозните сигнали.
Ако компанијата постепено ги префрла вашите обврски кај други луѓе, можно е да се подготвува за период во кој повеќе нема да бидете таму.
„Кога некој систематски се трга од клучните процеси, тоа не треба да се игнорира“, посочуваат познавачи на работните односи.
Шефот престанува да ве вклучува во плановите
Порано сте знаеле што се планира за следниот месец или квартал. Сега за новите проекти дознавате од колегите.
Уште понепријатен знак е ако се разговара за планови за иднината, а никој не ве прашува што ќе правите вие.
Тоа може да значи дека раководството едноставно го менува начинот на работа. Но може да значи и нешто друго.
Почнуваат да ви бараат писмени извештаи за сè
Одеднаш секоја ситница мора да биде на електронска пошта. Се бараат детални извештаи, рокови, објаснувања зошто нешто не е завршено и точна евиденција за секоја задача.
Ова особено треба да привлече внимание ако претходно таква практика немало.
Експертите објаснуваат дека компаниите понекогаш на овој начин создаваат документација за работата на вработениот пред да донесат одлука за неговиот статус.
Одеднаш добивате многу критики
Секој може да направи грешка. Проблемот е кога нешто што со години било прифатливо одеднаш станува голем проблем.
Шефот почнува да забележува доцнење од пет минути, ситни пропусти или работи кои претходно никому не му пречеле.
„Важно е да се направи разлика меѓу нормална контрола на работата и ситуација во која постојано се создава список на недостатоци“, велат стручњаци за човечки ресурси.
Ве повикуваат на необични состаноци
Ако претпоставениот одеднаш закажува формални состаноци еден на еден, особено со присуство на претставник од човечки ресурси, тоа може да биде предупредување.
Не мора веднаш да значи отказ. Можно е да станува збор за предупредување или разговор за резултатите.
Но, дефинитивно не е состанок што треба да се сфати лежерно.
Колегите знаат нешто што вие не го знаете
Понекогаш промената прво се чувствува во канцеларијата.
Колегите чудно молчат кога ќе влезете, разговорите завршуваат нагло или луѓето почнуваат да бидат необично внимателни во комуникацијата со вас.
Гласините не се доказ за ништо. Сепак, во комбинација со други сигнали, може да покажат дека во компанијата веќе се разговара за промени.
Компанијата почнува да штеди токму во вашиот сектор
Намалување на буџети, укинување проекти, замрзнување нови вработувања и спојување работни места често му претходат на отпуштање.
Економистите предупредуваат дека во вакви ситуации не мора проблемот да биде во работникот.
„Кога фирмата има пад на приходите или мора да ги намалува трошоците, може да бидат погодени и луѓе кои добро си ја работат работата“, посочуваат економски аналитичари.
Ако препознавате еден знак, нема причина веднаш да се пакува бирото. Ако препознавате четири или пет, тогаш веќе има смисла да бидете повнимателни, да разговарате со претпоставениот и, за секој случај, да проверите што се нуди на пазарот на труд.
Подобро е човек да има план Б и никогаш да не му затреба, отколку да почне да го бара дури откако ќе ја слушне реченицата: „Мораме да разговараме“.
Б.З.М.



