Работа има, но сигурноста сѐ почесто ја нема. Сѐ поголем број работници се ангажираат привремено, повремено или на определено време, модел што за компаниите значи помали трошоци и поголема флексибилност, а за вработените често носи неизвесност што ќе се случи по истекот на договорот.
Истражување спроведено меѓу 115 брзорастечки претприемачи покажало дека еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат компаниите е пронаоѓањето квалификувана работна сила. Уште поголем предизвик, велат дел од работодавачите, е добрите работници да се задржат во фирмата.
Податоците покажуваат дека 77 отсто од анкетираните претприемачи го финансираат работењето од сопствени извори, додека дури 99 отсто во своите компании спроведувале некаков вид иновативни активности. Сепак, кога ќе се стигне до луѓето што треба да ја завршат работата, тука почнуваат проблемите.
„Недостигот од професионални и стручни кадри е присутен во речиси сите економски сектори“, посочуваат претставници на работодавачите, додавајќи дека економското иселување на младите и квалификувани работници дополнително го стеснува изборот на компаниите.
И тука се појавува другата страна на приказната.
Сѐ повеќе компании се решаваат работниците да ги ангажираат за привремени и повремени работни задачи. Причината е прилично едноставна: таквиот работник за работодавачот во многу случаи е поевтин отколку класично вработен работник со стандарден работен однос.
За компанијата математиката е јасна. Се плаќа ангажманот или посредничката агенција, а дел од ризиците и обврските поврзани со боледувања, годишни одмори и подолгорочен работен однос се намалуваат. Но работодавачите признаваат дека ваквиот систем има цена што ја плаќа другата страна.
„Работникот во таква ситуација чувствува несигурност и незаштитеност“, е една од оценките изнесени во истражувањето. Особено ако привремениот ангажман, наместо кратко решение, се претвори во начин на работа што трае со години.
Договор денес, нов договор за неколку месеци, па повторно истото.
За работодавачите, пак, проблемот е што компанија што сака сериозно да расте тешко може постојано да менува луѓе. Искусниот работник ја познава работата, клиентите и начинот на функционирање на фирмата. Кога ќе си замине, не се губи само еден вработен, туку и искуството што го стекнал.
Затоа дел од претприемачите сметаат дека компаниите мора да се откажат од дел од заработката доколку сакаат да ги задржат најдобрите луѓе.
„За добриот работник мора да се обезбеди и подобра плата“, е пораката што се издвојува од ставовите на анкетираните работодавачи. Во спротивно, компанијата повторно се враќа на почеток: оглас, интервјуа, нов работник, обука, па повторно барање кадар.
Економистите укажуваат и дека брзото растење на една компанија не значи многу ако паралелно не се изгради стабилен тим. Новите луѓе треба да ја научат работата, да се вклопат во правилата и да функционираат со останатите вработени. Тоа бара време и пари.
Технологијата може да помогне, но не може да го реши секој проблем. Во голем број дејности човекот и натаму не може едноставно да биде заменет со машина или софтвер, па битката за добар кадар останува една од главните грижи на компаниите.
Затоа пазарот на трудот се наоѓа во необична ситуација. На фирмите им требаат работници, работниците бараат сигурност, а меѓу нив сѐ почесто стои привремениот договор.
Евтин за една страна. Неизвесен за другата.
Б.З.М.



