САД остануваат најдобрата земја во светот за да се збогатиш. Некои на тоа гледаат како на причина за радост, додека други го сметаат за доказ за неуспехот на капиталистичкиот систем. Како економист, помалку ме интересира дебатата за тоа дали милијардерите (или трилионерите) треба да постојат, а повеќе прашањето која е алтернативата, пишува Алисон Шрагер во анализа за „Bloomberg“. Една од тие алтернативи е Европа, каде што системот гарантира дека најбогатите не се премногу богати – и дека нивното богатство се наследува, наместо да се стекнува.
Во Фиренца најбогатите семејства се на врвот веќе шест века, со речиси никаква промена. Тоа е екстремен пример, но во Европа не е невообичаено најбогатите семејства да остануваат исти со генерации. Во САД, напротив, најбогатите луѓе најчесто самите го создале своето богатство. Разликата произлегува и од политичката и од културната средина.
Во 2007-ма година, двајца економисти ги анализирале најбогатите семејства во САД и забележале дека во 1960-тите жените сочинувале половина од најбогатите 0,01 отсто, но до почетокот на векот нивниот удел паднал на помалку од една третина. Објаснувањето, според авторите, е дека во најбогатите 0,01 отсто има повеќе мажи кои самите го изградиле своето богатство. Кога богатството се темели на наследство, мажите и жените се речиси еднакво застапени. Но, бидејќи жените поретко се збогатуваат самостојно, нивниот помал удел покажува дека меѓу најбогатите Американци доминираат претприемачи кои сами го создале своето богатство.
Американскиот филантроп и поранешен менаџер на хеџ-фондови Џон Арнолд неодамна забележа дека во некои европски земји се бара меѓу 50 и 75 отсто од имотот да им припадне на наследниците. Има значително помалку богати Европејци отколку Американци меѓу потписниците на таканаречената „Giving Pledge“ – ветување дека ќе го донираат најголемиот дел од своето богатство.
Тоа делумно се должи на фактот што во Европа добар дел од благосостојбата и помошта се обезбедуваат преку државата, која се финансира од даноци, а структурата на даночниот систем го отежнува акумулирањето богатство. Европа ги оданочува приходите и потрошувачката со повисоки стапки. Регулативите за бизнисот и финансиските пазари, исто така, го отежнуваат започнувањето и развојот на успешен бизнис.
Застапниците на екстремно богатите тврдат дека за една економија е поважно да овозможи напредување по социоекономската скала, отколку да го ограничува екстремното богатство. А некои европски земји се и поегалитарни.
Во Данска, на пример, помалку од 20 отсто од приходите се пренесуваат од родител на дете, во споредба со 50 отсто во САД. И генерално, мобилноста на богатството во Данска е поголема отколку во САД. Но, врската меѓу богатството на родителите и она на децата и понатаму е силна кај најбогатите. Да се биде богат како дете или млад човек, најчесто поради наследство, е исклучително добар показател дека лицето ќе биде богато и на 45 години.

Секако, во многу аспекти даночната политика на една држава ги одразува вредностите на таа земја. Што е посакувано: поголема сигурност и подобри шанси за влез во средната класа, доколку не си роден во неа, или можноста да станеш баснословно богат? Нема единствен точен одговор. Сè се сведува на вредностите поврзани со ризикот.
Не значи дека во Европа нема милијардери кои сами го создале своето богатство. Но, системот на Стариот континент става акцент на сигурноста и стабилноста, повисоките даноци на приходите и регулативите кои обезбедуваат поголема предвидливост, заштита на работниците и државна помош. Тоа овозможува повеќе луѓе да не западнат во длабока сиромаштија и да добијат шанса да станат дел од средната класа. Но, истовремено, го отежнува патот некој да стане милијардер (или дури милионер), ако не е роден во богато семејство. Американскиот систем е многу потолерантен кон ризикот – вклучително и кон можноста да се стане милионер или милијардер.
На прв поглед може да изгледа дека европскиот модел е подобар. Зарем не е подобра економијата која нуди полесен пристап до средната класа од онаа што наградува мал број милијардери?
Но, важно е да се има предвид дека Американците од средната класа, а во некои случаи и оние од пониската средна класа, често живеат подобро од Европејците од средната класа. Тоа делумно се должи на фактот што она што ги направи милијардерите богати – технолошките и деловните иновации кои доведоа до подобри услуги – истовремено го подобри и квалитетот на живот на Американците со просечни приходи.



