Американската компанија за вештачка интелигенција „Anthropic“ е на пат да оствари годишни приходи од над 65 милијарди долари, врз основа на нејзините сегашни резултати. Тоа претставува повеќе од седумкратно зголемување во однос на темпото на раст од крајот на минатата година, објавува „Bloomberg“, повикувајќи се на свои извори.
Проектираните годишни приходи на компанијата (revenue run rate) – показател со кој се проценуваат годишните приходи врз основа на пократок временски период – достигнале 65 милијарди долари до крајот на јули, тврдат изворите. Тие зборувале под услов на анонимност за да можат да споделат доверливи информации.
Според еден од изворите, „Anthropic“ ги споделила овие податоци како дел од редовното известување до инвеститорите.
Драматичното забрзување на приходите ги поддржува плановите на „Anthropic“ за излегување на берзата. „Anthropic“ и „OpenAI“ поднеле доверливи документи за иницијална јавна понуда на акции, а се очекува „Anthropic“ да дебитира на Волстрит уште оваа есен, пред „OpenAI“.
„Anthropic“, компанијата која ги развива системите за вештачка интелигенција „Claude“ и „Fable“, во мај беше проценета на 965 милијарди долари по нов инвестициски циклус. Со тоа стана една од највредните приватни компании во светот и за првпат ја надмина проценетата вредност на својот главен ривал „OpenAI“.
Од „Anthropic“ одбиле да дадат коментар.
Од аутсајдер до еден од лидерите во „AI“
Компанијата некогаш се сметаше за аутсајдер во трката за развој на вештачката интелигенција, но во меѓувреме забрзано напредуваше со алатки кои олеснуваат сложени задачи, вклучително и програмирање.
Годишните приходи на „Anthropic“ надминале 9 милијарди долари на крајот на 2025-та година, а во мај достигнале повеќе од 47 милијарди долари.
Годишните приходи на „OpenAI“ неодамна надминале 40 милијарди долари, објави „Bloomberg News“, иако двете компании можеби не ги пресметуваат приходите на целосно ист начин.
„Anthropic“ остварила прелиминарни приходи од повеќе од 11,5 милијарди долари во последниот завршен квартал, во споредба со 787 милиони долари во истиот период во 2025-та година, покажуваат документи до кои дошол „Bloomberg“.
Од документите исто така произлегува дека компанијата во кварталот остварила позитивна коригирана оперативна добивка.
Огромни инвестиции во трката за вештачка интелигенција
„Anthropic“ сака да го искористи огромниот потенцијал за финансирање преку јавниот пазар за да ја задржи предноста пред „OpenAI“ и останатите конкуренти.
Компаниите од секторот на вештачката интелигенција трошат стотици милијарди долари за развој на најнапредните модели, што ја прави способноста за обезбедување нов капитал еден од клучните фактори во трката.
Доколку „Anthropic“ излезе на берзата оваа есен, компанијата ќе дебитира не само пред „OpenAI“, туку и пред „DeepSeek“ – кинеската компанија за вештачка интелигенција која зазема сè поголем дел од пазарот.
„DeepSeek“ исто така се подготвува за иницијална јавна понуда и би можела да поднесе барање за излегување на берзата уште оваа година, според извори запознаени со ситуацијата.



