„Mercedes-Benz“ го обнови „C-Class W206“ по пет години присуство на пазарот. Седанот и караванот сега добиваат препознатливи „ѕвездени“ фарови и осветлена предна решетка, по примерот на најновите модели на германскиот производител.
Понудата на мотори вклучува бензински, дизел и plug-in хибридни верзии. Основниот седан во Германија веќе може да се нарача по цена од 48.800 евра.

„Ѕвезди“ во фаровите и осветлена решетка
Карактеристичните трокраки ѕвезди на „Mercedes-Benz“ сега светат во предните и задните светла, а при отворање на вратите нивниот мотив се проектира и на тротоарот.

На предниот дел се осветлени централната амблема и рамката на решетката. Самата решетка е составена од десетици хромирани ѕвезди и добива масивна, сјајна црна рамка.
Палетата на бои за надворешноста е проширена, а дизајнот на фелните е освежен. Тие се достапни со дијаметар од 17 до 19 инчи.

Внатрешноста речиси без промени
Во кабината нема големи визуелни промени. „C-Class“ го задржува дигиталниот инструмент-панел од 12,3 инчи и вертикално поставениот мултимедијален екран од 11,9 инчи.

Нов е воланот, за кој „Mercedes“ наведува дека е полесен за користење. Тој добива нови прекинувачи и лостчиња за менување на брзините.
Мултимедијалниот систем „MBUX“ работи со најновата верзија на оперативниот систем „MB.OS“.
Вградениот виртуелен асистент со вештачка интелигенција, базиран на „ChatGPT“, овозможува посложени разговори и одговарање на секојдневни прашања.

Навигацијата со „Google Maps“, надградена со „Google Cloud Automotive AI Agent“, носи дополнителни можности и гласовно управување. Меѓу нив се и пребарување места за паркирање и станици за полнење електрични возила.
„Burmester“ со 15 звучници
Како дел од опремата се нуди и „Burmester 3D Surround Sound“ систем со 15 звучници и моќност од 710 вати.
Системот создава 3D звучни ефекти и автоматски ја приспособува распределбата на звукот според бројот на патници во автомобилот, користејќи ги податоците од сензорите за безбедносните појаси.
Дел од опремата се и освежувачот и јонизаторот за воздух, додека „Mercedes“ дополнително работел и на намалување на нивото на бучава и вибрации во кабината.

Напредни системи за безбедност
Како опција е достапен систем за управување со сите четири тркала. Задните тркала можат да се завртуваат до 2,5 степени во двете насоки, што треба да ја подобри маневрабилноста при ниски брзини и стабилноста при повисоки брзини.
Системот за активна безбедност „MB.DRIVE“ ги користи податоците од 10 камери, пет радарски и 12 ултразвучни сензори.
Меѓу напредните функции се автоматското престројување во друга лента со помош на рачката за покажувачите на насока, асистентот за запирање на црвено светло и асистентот за движење наназад со приколка.

Бензински и дизел мотори со 48-волтна технологија
Моторната понуда вклучува електрифицирани бензински и дизелски четирицилиндрични турбомотори.
Сите се опремени со стартер-генератор од втора генерација со 48-волтен систем. Тој може да придонесе со дополнителни до 23 коњски сили и 205 Nm вртежен момент.

Дволитарскиот бензински мотор „M254 Evo“ се нуди во три верзии:
„C 200“ – 177ks,
„C 250“ – 218ks,
„C 300“ – 258ks,
Дизелскиот „OM654 Evo“ е достапен со 163 и 200 коњски сили.

Plug-in хибрид со 395ks
На врвот на понудата се наоѓа „C 400e 4Matic“ plug-in хибридот, кој комбинира бензински мотор со електричен погон.
Системската моќност достигнува 395ks, додека максималниот вртежен момент е 650 Nm.
Батеријата со капацитет од 19,5 kWh овозможува електрично возење до 100 километри според WLTP.



