ПочетнаТЕХНОЛОГИЈА„Apple“ испрати итно предупредување во 110 земји: Проверете го вашиот „iPhone“ веднаш!

„Apple“ испрати итно предупредување во 110 земји: Проверете го вашиот „iPhone“ веднаш!

Незапаметен број корисници на уреди на „Apple“ ширум светот во текот на изминатиот викенд добија официјално предупредување од компанијата дека нивните телефони и компјутери биле цел на напредни шпионски напади.

„Apple“ во петокот испрати нов бран безбедносни известувања до корисници во дури 110 земји, предупредувајќи ги на присуство на таканаречен „платенички шпионски софтвер“ (mercenary spyware), кој најчесто го користат државни и воени разузнавачки служби.

Истражувачки организации за дигитални права и сајбер-безбедност, меѓу кои „Access Now“ и „iVerify“, потврдија дека регистрирале рекорден број пријави од корисници кои побарале помош откако го добиле предупредувањето.

Според експертите, бројот на пријави е за 30 до 40 отсто поголем во споредба со претходните акции за известување. Меѓу целите се нашол и невообичаено голем број војници и припадници на Оружените сили на Украина, кои потврдиле дека добиле предупредување од „Apple“.

Експертите предупредуваат дека ова можеби е само врвот на ледениот брег и дека размерите на сајбер-шпионажата би можеле да бидат значително поголеми отколку што јавноста претпоставува.

Експертите од организацијата „The Citizen Lab“, која со години ги истражува државно спонзорираните сајбер-напади, истакнуваат дека обемот и географската распространетост на најновите известувања укажуваат дека зад сето тоа можеби се случува нешто многу поголемо.

Сепак, дел од причината за масовниот број известувања е и новиот систем за предупредување што „Apple“ го воведе годинава. Предупредувањата сега се појавуваат директно на заклучениот екран на „iPhone“, во поставките на уредот, преку електронска пошта, како и при најавување на „Apple“ профилот преку веб. Поради тоа, практично е невозможно корисниците да не го забележат известувањето.

„Apple“ засега нема официјално да се огласи по повод најновиот бран напади, но експертите апелираат до сите кои ќе добијат ваква порака да ја сфатат исклучително сериозно.

За разлика од вообичаените измами и „phishing“ напади преку електронска пошта, предупредувањата од „Apple“ се проверени и укажуваат дека уредот бил цел на високо софистициран напад. Таквите напади најчесто се насочени кон новинари, активисти, политичари и воени функционери.

На сите корисници кои го добиле предупредувањето, но и на оние кои се сомневаат дека би можеле да бидат цел на ваков напад, им се советува веднаш да ја активираат функцијата „Lockdown Mode“.

Станува збор за специјална безбедносна функција вградена во системите „iOS“, „iPadOS“ и „macOS“, која значително го ограничува функционирањето на уредот и ги блокира потенцијалните начини на кои напаѓачите би можеле да го компромитираат.

Од „Apple“ потсетуваат дека досега не е регистриран успешен напад врз уред на кој бил активиран овој режим.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП