ПочетнаЗДРАВЈЕКолку шолји кафе дневно се премногу за бубрезите?

Колку шолји кафе дневно се премногу за бубрезите?

Бубрезите ги филтрираат отпадните материи и вишокот течности и ја одржуваат рамнотежата на електролитите. Нивното оштетување може да доведе до хронична бубрежна болест. Бидејќи кафето е дел од секојдневието на многу луѓе, важно е да се знае како влијае врз бубрезите.

Здравите возрасни лица можат да внесуваат до 400 милиграми кофеин дневно, што одговара на приближно четири шолји кафе, пишува „EatingWell“.

„Според досегашните докази, умереното консумирање кафе, односно околу две до три шолји дневно, е безбедно за повеќето лица со хронична бубрежна болест, а може дури и позитивно да влијае врз здравјето на бубрезите“, вели Сара Прато, магистер по нутриционизам и специјалист за бубрежна исхрана.

„Идеалната количина зависи од поединецот и од фактори како што се крвниот притисок, чувствителноста на кофеин и целокупната здравствена состојба“, додава таа.

Може да го намали ризикот од бубрежни заболувања и камења

Истражувањата покажуваат дека кафето може да го намали ризикот од развој на хронична бубрежна болест.

„Една мета-анализа утврдила дека лицата кои пијат две или повеќе шолји кафе дневно имаат 14 отсто помал ризик од развој на бубрежна болест“, истакнува Мелани Бец, магистер по нутриционизам и специјалист за бубрежна исхрана.

Се смета дека за тоа се заслужни корисните соединенија во кафето, кои помагаат во намалувањето на воспалението и оксидативниот стрес.

„Кафето содржи повеќе од 1.000 природни соединенија, како што се хлорогените киселини, полифенолите и меланоидините, кои имаат антиоксидативни и противвоспалителни својства“, објаснува Прато.

„Многу од овие придобивки произлегуваат од природните соединенија во кафето, а не од самиот кофеин. Затоа и кафето без кофеин може да има слични придобивки, но со значително помала количина кофеин“, додава таа.

Кафето може да биде корисно и за луѓето кои веќе имаат бубрежна болест.

„Поврзано е со помал ризик од напредување на болеста до терминална фаза, намалување на количината на протеини во урината и пониска стапка на смртност“, додава Бец.

Редовното консумирање кафе може да го намали и ризикот од создавање бубрежни камења.

Прато објаснува дека кафето делува на неколку начини:

„Го зголемува волуменот на урината, што помага во разредувањето и исфрлањето на минералите кои предизвикуваат камења, пред тие да се кристализираат. Кофеинот исто така го поттикнува создавањето урина, што дополнително придонесува за овој заштитен ефект.“

Двете експертки нагласуваат дека хидратацијата е клучна за спречување на бубрежните камења.

„Најважниот фактор во превенцијата на бубрежните камења е внесувањето голема количина течности“, вели Бец и додава дека кафето придонесува кон вкупниот дневен внес на течности.

Тоа помага во разредувањето на урината и го намалува ризикот од создавање различни видови бубрежни камења.

Кофеинот може привремено да го зголеми крвниот притисок

Високиот крвен притисок, односно хипертензијата, со текот на времето може да ги оштети бубрезите бидејќи ги стеснува крвните садови кои водат до нив.

Поради тоа, бубрезите потешко ги отстрануваат отпадните материи, а вишокот течности во организмот дополнително го зголемува крвниот притисок.

Врската меѓу кофеинот и хипертензијата сè уште не е целосно разјаснета, но лицата кои веќе имаат висок крвен притисок треба да бидат внимателни.

„Поголемите количини кофеин можат да го зголемат крвниот притисок и на тој начин директно да ги оштетат бубрезите“, предупредува Бец.

Ако крвниот притисок веќе е висок или на граница, дури и мало дополнително зголемување може да биде проблем.

„На лицата со неконтролиран висок крвен притисок им се советува да го ограничат внесот на кафе со кофеин на една до две шолји дневно и да го следат крвниот притисок. Поголемите количини кофеин внесени одеднаш можат привремено да го зголемат крвниот притисок“, објаснува Прато.

Како да пиете кафе на поздрав начин?

Здравствените придобивки првенствено се однесуваат на црното кафе без големи количества шеќер и павлака.

Премногу шеќер и заситени масти можат да ги намалат позитивните ефекти, па обезмастеното или нискомасленото млеко се подобар избор.

Умереното количество кафе може да придонесе за здравјето на бубрезите и да го намали ризикот од бубрежни камења.

Сепак, не се препорачува внесување повеќе од 400 милиграми кофеин дневно, бидејќи поголемите количества можат да го зголемат крвниот притисок и долгорочно да ги оптоварат бубрезите.

Лицата со хипертензија или бубрежна болест треба да го ограничат внесот на една до две шолји дневно и да се консултираат со лекар.

Особено внимание треба да се посвети и на внесот на калиум, кој може да се зголемува со бројот на испиени шолји кафе.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП