ПочетнаКАРИЕРА„Кажете ни нешто за себе“ - како да одговорите на ова прашање...

„Кажете ни нешто за себе“ – како да одговорите на ова прашање на интервју за работа

„Кажете ни нешто за себе“. Речиси нема кандидат кој не го слушнал ова прашање на разговор за работа. На прв поглед изгледа едноставно. Нема точен и погрешен одговор, нема формула, нема тест. Но токму тука многумина прават грешка: почнуваат од факултетот, продолжуваат со првата работа и практично го прераскажуваат своето CV.

А човекот од другата страна веќе го прочитал.

Познавачите на процесот на вработување посочуваат дека работодавачот со ова прашање најчесто сака да види нешто што не стои во документите. Каков човек седи пред него, како размислува, што го движи и дали ќе се вклопи во тимот.

Еден од највпечатливите одговори што искусен човек од областа на регрутацијата го слушнал на интервју бил многу едноставен.
„Се искачив на највисоките планини на сите континенти, вклучувајќи го и Еверест“.

Поентата не била само во планинарскиот подвиг. Од неколку реченици можело да се види дека кандидатката е дисциплинирана, упорна, љубопитна, подготвена за ризик и насочена кон целта. Кога ја прашале што ѝ било првото нешто што го помислила кога стигнала на врвот на Еверест, одговорот бил уште пократок.

„Како, по ѓаволите, сега ќе се симнам?“

Токму ваков одговор, велат познавачите на интервјуата за работа, покажува нешто што тешко се пишува во биографија: карактер, смисла за хумор и способност човек да остане приземен дури и кога постигнал нешто големо.

Секако, никој не очекува кандидатите да имаат освоено планински врвови.

Може да биде спорт, хоби, волонтерска работа, музика, патување или некој личен проект. Некој трча маратони. Друг свири инструмент. Трет сам научил странски јазик, одгледува зеленчук или со години работи нешто дополнително по завршувањето на редовната работа.

Важно е приказната да кажува нешто за човекот.

„Не мора достигнувањето да биде спектакуларно. Треба да покаже каква личност сте и што можете да донесете на новото работно место“, објаснуваат стручњаците за човечки ресурси.

Тука, сепак, постои една замка. Во желбата да остават впечаток, кандидатите понекогаш почнуваат да претеруваат.

Тоа обично брзо се забележува.

Ако кажете дека сте воделе голем проект, подгответе се за прашањето што точно сте работеле. Ако тврдите дека некое ваше хоби покажува дисциплина, веројатно ќе ве прашаат колку долго се занимавате со него. Една измислена или „нашминкана“ приказна лесно може да отвори сомнеж и за останатото што сте го кажале.

„Опуштете се, бидете свои и кажете ја вистината. Интервјуто не треба да изгледа како аудиција за претстава“, е советот што го даваат луѓето кои со години разговараат со кандидати за работа.

Добриот одговор, значи, не треба да трае десет минути. Напротив. Неколку реченици се доволни.

На пример: „Работам во продажба веќе пет години, но надвор од работа редовно трчам и минатата година го завршив првиот полумаратон. Ми се допаѓа да си поставувам цели и да работам постепено додека не ги исполнам. Истото ми помага и во работата“.

Кратко, разбирливо и има врска со работното место.

Наместо список на дипломи и претходни фирми, кандидатот покажува нешто повеќе за себе.

Затоа, кога на следното интервју ќе го слушнете познатото „кажете ни нешто за себе“, нема потреба повторно да ја читате биографијата што веќе стои на масата.

Кажете нешто по кое ќе ве запомнат. Само не измислувајте.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП