ПочетнаКОМПАНИИ„Lenovo“ забележа раст на приходите од 43 отсто, највисок во последните пет...

„Lenovo“ забележа раст на приходите од 43 отсто, највисок во последните пет години

Кинеската компанија „Lenovo“ објави раст од 43 отсто на приходите во кварталот, надминувајќи ги очекувањата и предизвикувајќи значителен скок на цената на акциите на најголемиот производител на компјутери во светот. Компанијата има корист од бумот на хардверот за вештачка интелигенција, како и од глобалниот недостиг на мемориски чипови.

Приходите на „Lenovo“ се зголемиле на 26,94 милијарди долари во кварталот завршен на 30-ти јуни, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите од 22,3 милијарди долари. Гигантот во производството на потрошувачка електроника има корист од зголемената побарувачка поттикната од вештачката интелигенција, како и од стабилната продажба на персонални компјутери.

Тоа е најголемиот квартален раст на приходите на компанијата во последните пет години. Приходите поврзани со вештачката интелигенција се зголемиле за 60 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 9,3 милијарди долари, што претставува 35 отсто од вкупните приходи во првиот квартал од фискалната година.

Компанијата пријавила нето загуба од 609 милиони долари, која им припаѓа на акционерите, наспроти добивката од 505 милиони долари во истиот период минатата година. Просечната прогноза на аналитичарите била за добивка од 589 милиони долари, покажуваат податоците собрани од „LSEG“.

Од „Lenovo“ наведуваат дека загубата главно се должи на безготовинска загуба од 1,7 милијарди долари, настаната како резултат на преоценувањето на варантите издадени во 2025-та година.

Акциите на „Lenovo“ достигнале рекордно високо ниво пред објавувањето на резултатите, со раст од 225 отсто од почетокот на годината. По објавувањето на финансиските резултати, нивната вредност скокнала за дури 17 отсто.

Секторот на „Lenovo“ за персонални компјутери, таблети и паметни телефони, кој генерира околу 64 отсто од вкупните приходи, забележал раст на приходите од 27 отсто на годишно ниво.

Прилагодената нето-добивка, која ги исклучува еднократните ефекти и безготовинските трошоци, се удвоила на 1,075 милијарди долари. Компанијата соопшти и дека трошоците за истражување и развој се зголемиле за 30 отсто на годишно ниво.

Според „Counterpoint Research“, глобалните испораки на персонални компјутери во вториот квартал од 2026-та година се намалиле за 2 отсто на годишно ниво, на 16,6 милиони уреди. Тоа е прв пад од првиот квартал на 2025-та година, а како причина се наведува зголемениот притисок врз трошоците поради високите цени на мемориските чипови.

„Lenovo“ ја задржала лидерската позиција на светскиот пазар во вториот квартал, со пазарен удел од 25,6 отсто.

Портфолиото на компанијата за AI-сервери достигнало 54 милијарди долари, што претставува раст од 157 отсто во однос на претходниот квартал. Во извештајот се наведува дека растот е поттикнат од побарувачката од страна на хиперскалабилните компании, клиентите на AI-облак услуги и корпоративните корисници на вештачка интелигенција.

Силните резултати на „Lenovo“ доаѓаат откако компанијата претходно годинава предупреди на притисок врз снабдувањето со персонални компјутери поради сè посериозниот глобален недостиг на мемориски чипови. Компанијата воедно ги зголеми цените на персоналните компјутери за да го ублажи влијанието од растот на цените на меморијата.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП