ПочетнаЗДРАВЈЕКолку овошје и зеленчук навистина треба да јадеме дневно?

Колку овошје и зеленчук навистина треба да јадеме дневно?

Еден од основите на здравата исхрана е поголемиот внес на овошје и зеленчук, но често постои дилема околу тоа колкава количина навистина ни е потребна. Иако правилото за пет порции дневно е добро познато, нутриционистите објаснуваат дека приказната е малку посложена и даваат совети за тоа колку овошје и зеленчук навистина треба да внесуваме, пишува „Express.co.uk“.

Диететичарката Хејзел Шор објаснува дека препораката за пет порции дневно ја вовела Светската здравствена организација (СЗО).

„Тоа беше остварлива цел која им помага на луѓето да внесат доволно овошје и зеленчук за превенција од сериозни здравствени проблеми. Целта е дневно да се внесуваат најмалку 400 грама овошје и зеленчук“, вели Шор.

Сепак, таа нагласува дека важи правилото „колку повеќе, толку подобро“ и додава дека истражувањата покажуваат оти внесувањето седум до десет порции дневно може да донесе уште поголеми здравствени придобивки.

„Подобро е постојано да јадете неколку исти видови отколку воопшто да не јадете овошје и зеленчук, но ако комбинирате различни намирници, ќе внесете поширок спектар на хранливи материи и влакна. Едноставното правило е: јадете ја виножитната палета. Различните бои обично укажуваат на различни корисни соединенија, па разновидноста помага да се задоволат потребите на организмот“, порачува Шор.

Со неа се согласува и нутриционистката Хана Невил-Грин.

„Разновидноста е клучна кога станува збор за овошјето и зеленчукот. Целта треба да биде да се внесуваат што повеќе различни видови овошје и зеленчук од секоја група на бои, бидејќи составот на фитонутриенти значително се разликува зависно од бојата“, истакнува таа.

Невил-Грин додава дека во ова често може да се вклучат и билки и зачини, кои имаат свои здравствени придобивки, како антиинфламаторните својства на куркумата и ѓумбирот.

Придобивките зависат и од бојата на намирниците

Хана Невил-Грин ги објаснува здравствените придобивки поврзани со различните бои на овошјето и зеленчукот.

Црвените намирници се богати со фитонутриенти како ликопенот, кој се поврзува со намален ризик од одредени видови рак.

Портокаловите намирници се богати со бета-каротен, важен за видот, имунитетот и здравјето на кожата.

Жолтите намирници содржат антиоксиданси и хранливи материи кои придонесуваат за добро варење и здравјето на очите.

Зелените намирници се богати со витамини, меѓу кои витамин К, важен за здравјето на коските, и витамин Ц, кој придонесува за нормално функционирање на имунолошкиот систем.

Сините и виолетовите намирници содржат антоцијани, кои можат да помогнат во заштитата на клетките и се поврзуваат со намален ризик од одредени заболувања, меѓу кои рак, мозочен удар и срцеви заболувања.

Белите намирници, како лукот, содржат хранливи материи како алицин, кој има потенцијални корисни својства, како и други антиоксиданси.

Вкупно пет порции, а не по пет од секоја група

Често се поставува прашањето дали правилото значи пет порции овошје плус пет порции зеленчук, или вкупно пет порции од двете групи.

Дан Осман, советник за здравје и експерт за спортска исхрана во сервисот Prep Kitchen, ја разјаснува дилемата.

„Кога зборуваме за пет порции дневно, важно е да се запомни дека тоа се однесува на вкупно пет порции овошје и зеленчук, а не на пет порции од секоја група“, истакнува Осман.

„За повеќето возрасни, една порција изнесува околу 80 грама. Тоа, на пример, може да биде едно поголемо јаболко. Во текот на денот целта треба да биде внес од околу 400 грама“, додава тој.

На крајот, Осман советува луѓето да не се оптоваруваат со опсесивно броење на секоја порција.

„Јас секогаш се фокусирам на пошироката слика и на важноста на разновидноста“, заклучува тој.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП