Додека кај нас во декември се вадат дебелите јакни и се планираат зимувања, дел од патниците токму тогаш бараат сонце, море и температури за кратки ракави. Зимското летување одамна не е само луксуз за мал број туристи. Со добра резервација, понуда во последен момент и малку флексибилност со датумите, некои далечни дестинации можат да се најдат по цени што не се многу повисоки од класичен одмор во шпицот на летната сезона.
Меѓу поевтините опции традиционално се издвојува Египет. Во понудите за Хургада може да се најде седумдневен аранжман за околу 370 евра, намален од 489 евра, додека во зимскиот период се појавуваат и пакети околу 599 евра. Најчесто станува збор за „ол инклузив“ услуга во хотели од повисока категорија, со оброци на шведска маса и содржини за деца, од аквапарк и детски клуб до плиток влез во морето.
Туристичките работници посочуваат дека токму ваквите пакети се барани кај семејствата, бидејќи најголем дел од трошоците се познати уште пред да се тргне на пат.
„Кога поголем дел од услугите се вклучени во пакетот, многу полесно се планира семејниот буџет“, објаснуваат познавачите на туристичкиот пазар.
Дубаи е друга варијанта за оние што сакаат топло време во период кога Балканот веќе е во зима. Петдневни пакети се движат околу 515 евра, а со попусти и понуди во последен момент цената може да падне и кон 400 евра. Обично во пакетот е вклучено ноќевање со појадок. Туристичките работници советуваат ваквите патувања да се резервираат порано, особено ако се планираат за крајот на годината.
„Со рана резервација има повеќе време за плаќање, а често може да се добие и поповолна цена“, велат од туристичкиот сектор.
За оние што имаат поголем буџет, изборот се шири. Десетдневно патување на Куба се движи околу 950 евра без трансфер, додека „ол инклузив“ понудите за девет ноќевања се околу 1.200 евра. На Бали, пак, едно ноќевање по лице може да чини од 59 до над 90 евра.
Тајланд останува една од опциите за егзотичен зимски одмор. На Пукет, ноќевање во студио може да се најде од околу 86 евра по лице, додека во одредени хотели со три ѕвезди цената за делукс соба оди и до 206 евра по лице. Тоа е веќе друга категорија одмор, но и сосема поинакво искуство.
Поскапа е и Танзанија. Ноќевање со појадок почнува од околу 198 евра, а полупансион во полуксузно сместување од 379 евра. Пакет за две лица со авионски билети, такси, трансфер, полупансион и девет ноќевања може да достигне околу 2.270 евра. Ако на тоа се додаде и дводневно сафари, сметката расте за уште околу 420 долари.
Сејшелите во ноември и декември може да се најдат за околу 980 евра по лице за седумдневен одмор, со вклучени авионски такси, трансфер и појадок. На Кипар, пак, ноќевање во понуди во последен момент се движи од 40 до 60 евра.
Познавачите предупредуваат дека дел од егзотичните дестинации, меѓу нив Сејшелите, Малдивите и Тајланд, знаат да бидат поевтини во дождливата сезона. Тоа е и причината за пониската цена. Времето може да послужи, но може и да не послужи. Токму тој ризик дел од туристите се подготвени да го преземат за значително поевтин аранжман.
За оние што сакаат Индиски Океан, Маврициус е уште една опција. Седум полупансиони со авионски такси и трансфер може да чинат околу 1.200 евра по лице, а за деца до 12 години во дел од понудите престојот е бесплатен. Но има и далеку поскапи пакети, кои можат да достигнат и до 4.000 евра по лице.
На крајот на краиштата, најевтиното зимско летување не зависи само од дестинацијата. Датумот, времето на резервација, видот на услугата и сезоната знаат да направат разлика од неколку стотици евра. А токму тука е целата математика. Кој ќе фати добра понуда, може среде декември наместо магла и студ да гледа море.
Б.З.М.



