ПочетнаЕКОНОМИЈАКакви пиперки јадеме дома? Бугарија ни врати 11,6 тони свежи пиперки

Какви пиперки јадеме дома? Бугарија ни врати 11,6 тони свежи пиперки

Македонската пиперка, гордоста на македонското земјоделство и клучна суровина на популарниот македонски ајвар повторно се најде во центарот на меѓународен скандал со безбедноста на храната. По неколкуте претходни свикувања на алармот од страна на европските контролни механизми, најновата кочница пристигна од соседна Бугарија која ни врати пратка од 11,6 тони свежи пиперки од граничниот премин Златарево, и со тоа ја отвори Пандорината кутија за тоа како и колку се контролира употребата на хемиски средства на македонските ниви.

Бугарската агенција за безбедност на храната (БАБХ) спречи увоз на голема количина македонски пиперки наменети за пазарот во Петрич. Лабораториските анализи откриле присуство на инсектицидот форметанат во концентрација далеку над законски дозволениот лимит.

Ова не е изолиран инцидент. Изминатите години, преку Европскиот систем за брзо предупредување за храна (RASFF), слични рапорти со ознака „сериозен ризик“ пристигнуваа и од Хрватска, каде исто така беа детектирани остатоци од токсични материи.

Зошто „форметанатот“ е забранет во ЕУ?

Форметанатот е исклучително агресивен и ефикасен инсектицид и акарицид кој земјоделците го користат за сузбивање на штетници (најчесто трипс) кај овошјето и зеленчукот. Сепак, неговите долготрајни ефекти врз човековото здравје се причината зошто Европската Унија целосно ја забрани или строго ја ограничи неговата употреба.

Научните студии го класифицираат како невротоксин кој при зголемена или акутна конзумација може да предизвика:

-Нарушувања на нервниот систем

-Главоболки, гадење и вртоглавици

-Долгорочни хормонални и репродуктивни проблеми

Каде е проблемот во Македонија?

Случајот со вратените 11 тони пиперки ја лоцира системската слабост на релацијата земјоделец – откупувач – држава.

Неконтролиран увоз и продажба во земјоделските аптеки: Иако одредени препарати се забранети во ЕУ, тие честопати сè уште можат лесно да се набават на македонскиот пазар или пак се внесуваат нелегално од земји надвор од Унијата.

Едукација на производителите: Голем дел од индивидуалните земјоделци сè уште ги прскаат културите „од око“ или не ја почитуваат каренцата (задолжителниот период кој мора да помине од последното прскање до бербата).

Пасивност на откупувачите: Фирмите извозници ретко прават сопствени детални лабораториски анализи пред да ја натоварат стоката во камиони, потпирајќи се на среќата дека пратката нема да биде извлечена за мострирање на граница.

Каде завршуваат вратените пиперки?

Најголемиот страв на домашните потрошувачи е дали овие „токсични пратки“, откако ќе бидат одбиени на европските граници, завршуваат на зелените пазари ширум Македонија. Од македонската Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) децидни се дека процедурата налага вратените небезбедни пратки веднаш да се стават под надзор и да се уништат на депонија, под контрола на инспекторатот.

Сепак, јавноста со право прашува: Колку тони вакви пиперки кои воопшто не тргнале за извоз, секојдневно ги јадеме дома без никаква контрола?

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП