Земјоделците си ги знаат своите права бидејќи добро ги проучиле законите кои нив ги тангираат. Затоа сега велат дека државата е должна да ја доисплати разликата од откупната до заштитната цена за стратешките култури. Имено, според Законот за земјоделство и рурален развој, пченицата и јачменот се дефинирани како стратешки култури. Согласно истиот закон, за стратешките култури се гарантира заштитна цена која се пресметува врз основа на производната цена зголемена за 25 проценти.
Во услови на пазарни нарушувања, кога откупната цена е помала од пресметаната заштитна цена, државата според Законот за земјоделство и рурален развој е задолжена да ја доисплати разликата. Од Националната земјоделска мрежа велат дека во случај на непочитување на оваа законска мерка, државата грубо го крши Законот и за тоа треба да има институционална и лична кривична одговорност. Сѐ надвор од ова е груба манипулација и кршење на законите на Македонија.
„Националната земјоделска мрежа во 2023 и 2024 година презеде иницијатива и преку институционален пат, заедно со нашите членови и колеги, успеа да излобира за реколтата документ од Земјоделскиот институт Скопје за производна цена на пченицата за 2023 година, и тоа за пченицата 19 денари и јачменот 15 денари. За истата година се оствари рекордна цена за јачменот и пченицата. За реколтата 2024, исто така, Националната земјоделска мрежа презеде иницијатива и за таа година, со одлука на Владата предводена од премиерот Мицкоски, се одобрија пет милиони евра преку интервентниот фонд, односно три денари по предаден килограм пченица и шест илјади денари по хектар дополнително за јачменот“, велат од НЗМ.
Тие се жалат за житариците од реколтата 2025, и покрај законската обврска, до денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема изготвено производна цена за јачменот и пченицата. Од Националната земјоделска мрежа велат дека даваат целосна поддршка на иницијативата на Здружението „Фармери – Југозапад“ за организирање средба со производителите на житарици со основани законски барања за интервентни мерки.
Земјоделците се гневни со право бидејќи велат дека нивната пченица се откупува за ситни пари, а ние јадеме брашно од увозна пченица. Тврдат дека Србија ни го дава старото жито што со години стои по силосите и, според информациите со кои располагаат, може да има проблем и со зголемено присуство на афлатоксини. Освен тоа, постојат сомнежи дека дел од украинската пченица се препакува во Србија и потоа, како српска, се извезува кај нас.
Од здружението велат дека доколку не реагираат институциите навреме, не само земјоделците туку и потрошувачите ќе ги почувствуваат последиците, бидејќи зголемената зависност од увоз директно ја зголемува ранливоста на домашниот пазар. Земјоделците сега бараат итна исплата на преостанатите субвенции за 2025 година, бидејќи пред нив е новата есенска производствена сезона.
И.П



