Едно е членарината, друго се патиките, дресот, опремата, превозот, натпреварите, екскурзиите и сè што ќе се појави попатно. Родителите добро знаат како изгледа таа математика. Детето ќе почне да тренира фудбал, кошарка, танцување или странски јазик, а сумата што првично изгледала како неколку илјади денари лесно расте. Ако во семејството има две деца и секое посетува по две активности, семејниот буџет веќе сериозно се чувствува.
Податоците за Македонија покажуваат дека спортските клубови, курсевите за странски јазици и музичките активности вообичаено носат трошок од околу 1.500 до 4.000 денари месечно по дете. Тоа е само основната цена. Екскурзиите и различните училишни настани можат дополнително да чинат од 1.000 до 3.000 денари неколкупати во годината.
Така, едно дете што оди на спорт и на странски јазик може да повлече неколку илјади денари од домашниот буџет секој месец. Ако се додадат опрема и други повремени плаќања, сметката станува уште поголема.
Искуствата на родители од регионот покажуваат дека токму тие дополнителни издатоци знаат да бидат најнезгодни. Еден родител објаснува дека спортските обувки мора да се менуваат на секои три до пет месеци бидејќи детето брзо ги надраснува.
„Копачки купуваме на три до пет месеци бидејќи ги надраснува. Тука се и штуцните, тренерките, учеството на турнири, а еднаш годишно има и камп со клубот“, раскажува родител чие дете тренира спорт.
Иста е приказната и со танцувањето, балетот, гимнастиката или музиката. Покрај месечната членарина, во одреден момент доаѓаат костими, обувки, настапи, патувања или дополнителна опрема. Кај странските јазици, пак, може да се појават учебници, работни тетратки, полагања или дополнителни часови.
И сето тоа доаѓа врз редовните трошоци за дете.
Истражување спроведено меѓу 650 родители во Македонија покажа дека основните трошоци за одгледување едно дете се проценуваат на околу 150.000 до 200.000 денари годишно, односно приближно 12.000 до 16.000 денари месечно. Во тие суми не секогаш целосно влегуваат сите желби и дополнителни активности што ги има едно семејство.
Од организацијата што го спровела истражувањето посочуваат дека особено високи се трошоците кај најмалите деца и кај тинејџерите.
„Семејствата што имаат бебиња и тинејџери имаат потреба од најмногу финансиски ресурси за квалитетен живот и пристап до образование и други детски услуги“, се наведува во анализата.
Дополнителен проблем се трошоците што на хартија не изгледаат големи. Сто или двесте денари овде, неколку стотици таму, па нови патики, школски материјал, роденден, екскурзија… На крајот од месецот сумата е сосема друга. Финансиските советници токму затоа препорачуваат семејствата однапред да ги запишуваат редовните и повремените расходи, за реално да видат колкав дел од приходите веќе е резервиран.
Истражувачите предупредуваат и на таканаречените скриени трошоци во образованието.
„За услугите за кои се вели дека се бесплатни, како школувањето, има многу скриени трошоци, како плаќање униформи, книги и хигиенски материјали“, посочуваат од организацијата.
А родителот тешко ќе му каже на детето дека нема да оди на фудбал со другарите, дека ќе се откаже од англискиот или дека танцувањето е прескапо. Затоа овие активности во многу семејства одамна не се третираат како луксуз, туку како редовна ставка. Само што таа ставка, кога ќе се собере на крајот од месецот, воопшто не е мала.
Б.З.М.



