Турција, која одамна претставува мост меѓу Европа и Блискиот Исток, се обидува да ја искористи својата стратешка географска положба за да привлече повеќе богати жители, во период кога конкурентските светски центри на богатството, од Лондон до Дубаи, се соочуваат со нестабилност, пишува „Bloomberg“.
Земјата неодамна најави низа даночни олеснувања за богати странци и инвеститори, меѓу кои минимален данок на наследство, можност приходите остварени во странство да бидат ослободени од локални даноци во период од 20 години, како и програма за амнестија за враќање на непријавени средства што се чуваат во други земји.
Турција сака да ги искористи своите предности како регионален финансиски центар и дестинација за богатите, откако политичките потреси и неконвенционалната монетарна политика во изминатите години ги попречија дел од нејзините амбиции.
Богатите Турци често мораа да ги префрлаат своите средства во странство за да се заштитат од високата инфлација и падот на вредноста на домашната валута. Во исто време, клучни проекти, како што е „Истанбулскиот финансиски центар“, сè уште заостануваат зад конкурентите од земјите од Персискиот Залив на глобалните ранг-листи.
Новите мерки се воведуваат во чувствителен момент за дел од конкурентските финансиски центри.
Дубаи и Абу Даби, кои во последните години беа магнет за меѓународниот капитал, се соочуваат со нови предизвици поради војната меѓу САД и Иран и нападите во регионот, што повторно ја доведоа во прашање нивната позиција како безбедно засолниште за богатството.
И Велика Британија, каде што живее значајна турска заедница, ја напуштија дел од богатите жители откако земјата го укина даночниот режим што овозможуваше приходите остварени во странство да бидат заштитени од локално оданочување.
Финансиските центри во Европа и во други делови од светот сега се натпреваруваат за да ги привлечат луѓето кои поради овие промени бараат ново место за живеење и инвестирање.
„Логиката главно се состои во тоа што Турција сфаќа дека повеќе не може да стои настрана од трката во која другите земји учествуваат со години“, вели Ајше Узун Нурили, директорка во адвокатската канцеларија „Пенезоглу“ во Истанбул.
Според неа, една од најважните целни групи за Турција би можела да биде турската дијаспора.
Дел од новите мерки потсетуваат на поранешниот британски даночен режим за лица кои не биле постојани жители на земјата, кој овозможуваше луѓе со значителни приходи од странство практично да живеат со многу ниско даночно оптоварување.
Со укинувањето на тој систем конкуренцијата за богатите жители се зголеми. Италија, на пример, стана магнет за луѓето кои ја напуштаат Велика Британија, благодарение на својот фиксен данок, географската близина и начинот на живот.
Во рамките на Европа, Блискиот Исток и Африка, сепак, земјите од Персискиот Залив нудат дел од најповолните финансиски услови.
Во последните години регионот привлече голем број трговци и хеџ-фондови, благодарение на поволните правила и ниското даночно оптоварување. Но, зголемените тензии меѓу САД и Иран повторно потсетија на фактот дека земјите од Заливот се наоѓаат во историски нестабилен регион.
Токму тука Турција гледа можност да понуди алтернатива поблиску до Европа, иако сè уште не е јасно колку луѓе би се одлучиле да ја искористат.
„Решени сме да ја претвориме Турција не само во дестинација за инвестиции, туку и во глобален центар каде што се управува со инвестициите, се насочува трговијата и се собира капитал“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно годинава.
Една од можните целни групи се богатите Турци кои живеат во земји како Велика Британија и Германија.
Во Германија живеат околу три милиони луѓе со турско потекло, што ја прави најголемата турска дијаспора во светот. Во Велика Британија голем дел од луѓето со турско потекло се концентрирани во северните и источните делови на Лондон.
За оние кои размислуваат да се преселат или да се вратат, Турција може да понуди атрактивни услови за живот, дополнети со новите даночни поволности.
Истанбул, финансискиот центар на земјата, има повеќевековна историја. Во градот и денес се присутни бројни архитектонски и културни сведоштва за неговата улога како центар на империјалната власт на четири империи, меѓу кои „Света Софија“ и палатата „Топкапи“.
За Европејците, географската положба на Турција значи пократко патување до Европа, полесен пристап до Азија и нешто поблаги летни температури во споредба со Персискиот Залив.
Меѓу другите предности се висококвалитетното здравство, меѓународните училишта, луксузните марини и ексклузивните имоти долж Босфор.
Но, Турција има и сериозни политички, економски и урбани предизвици.
Ердоган, кој е на власт повеќе од 20 години, се соочува со критики поради притисокот врз политичките противници и ограничувањето на несогласувањето. Во исто време, периодите на неконвенционална монетарна и економска политика доведоа до значително слабеење на турската лира и забрзување на инфлацијата.
Тоа ја намали вредноста на дел од домашните средства, ја наруши довербата на инвеститорите и го отежна управувањето со богатството.
Безбедноста и сопственичките права исто така можат да бидат причина за загриженост. Сè почестото одземање компании во Турција го претвори Фондот за осигурување на штедни влогови (TMSF), државниот фонд кој управува со конфискуван имот, во необична деловна империја која контролира повеќе од 1.000 компании.
„Истанбулскиот финансиски центар“ беше отворен во 2023-та година со амбиција градот да стане глобален финансиски центар. Иако таму се наоѓаат Централната банка и големи државни банки, досега центарот има ограничен успех во привлекувањето странски финансиски институции.
Сепак, Турција на потенцијалните жители им нуди уште една значајна предност – можност за добивање државјанство преку инвестиција.
Странците можат да добијат турско државјанство доколку купат недвижност во вредност од најмалку 400.000 долари и ја задржат најмалку три години.
Некои европски земји, пак, се обидуваат да ги укинат таканаречените „златни визи“ и програмите за добивање државјанство преку инвестиции.
Турската програма за државјанство преку инвестиции беше воведена во 2017-та година и привлече богати Руси и Кинези благодарение на релативно ниските услови.
Оваа година компанијата „Henley & Partners“, специјализирана за имиграциски услуги, ја стави Турција на својата листа на стратешки јурисдикции поради глобалната мобилност и пристапот што го нуди.
Бурак Демирел, раководител на одделот за Турција во компанијата, вели дека има сè поголем интерес за преселување во земјата од Индија, САД, Велика Британија, Германија и Франција.
„Турција е една од ретките земји кои имаат програма за државјанство преку инвестиции и даночен систем наменет за богати странски семејства“, вели Петер Ферино, директор на одделот за даночни услуги во „Henley & Partners“.
Според Тимоти Еш, соработник во програмата за Русија и Евроазија во „Chatham House“, условите се привлечни и Турција нуди добра алтернатива на животот во Персискиот Залив.
Но, тој додава дека предизвик за финансиските професионалци кои работат надвор од Дубаи, Доха или Ријад е тоа што Турција сè уште нема доволно голема концентрација на меѓународен финансиски бизнис за да го оправда преселувањето.
Триесет и четиригодишниот Енес Басар се преселил од Истанбул во Лондон во 2017-та година за да работи две години во британскиот огранок на семејната компанија за производство на слатки „Kervan Gida Sanayi ve Ticaret“.
Девет години подоцна, тој сè уште живее таму и во меѓувреме напредувал до позицијата генерален директор.
„Повеќе размислувам како да го проширам својот бизнис отколку за даноците. Би можел да почнам да управувам со бизнисот од Турција, но управувањето одовде и животот овде се многу полесни за мене“, вели Басар.



