Внесувањето протеини е клучно за енергијата, чувството на ситост, метаболизмот и изградбата на мускулите. Сепак, не е сеедно од кој извор доаѓаат протеините, особено кога станува збор за здравјето на срцето.
Некои намирници богати со протеини содржат и други корисни хранливи материи, додека други имаат состојки кои можат негативно да влијаат врз кардиоваскуларниот систем. Нова научна анализа испитувала како различните извори на протеини влијаат врз срцето и открила дека една конкретна замена во исхраната може да биде особено корисна.
Живина наместо црвено месо
Научен преглед објавен минатиот месец во списанието на „Academy of Nutrition and Dietetics“ покажал дека луѓето кои почесто го заменуваат црвеното месо со живина можат да имаат помал ризик од повеќе кардиометаболички заболувања, особено срцеви заболувања.
Дејвид Голдман, нутриционист и главен автор на студијата, тоа го објаснува со составот на месото.
„Живината има помалку заситени масти и хем-железо од црвеното месо. Непреработеното месо од живина исто така не содржи соединенија како нитрати и нитрити, кои се наоѓаат во преработените месни производи и можат да ги оштетат крвните садови и срцето“, објаснил тој за „Parade“.
Штетноста на нитратите од црвеното месо ја потврдуваат и други истражувања. Научен преглед од 2025-та година, објавен во списанието „Current Nutrition Reports“, наведува дека одредени нитрати поврзани со преработеното месо можат да бидат штетни и да влијаат врз кардиоваскуларната и метаболичката функција.
Важно е да се напомене дека нитратите природно присутни во растителната храна не треба автоматски да се поистоветуваат со оние поврзани со преработените месни производи.
И превентивниот кардиолог Брендон Рафисон оценува дека анализата ги потврдува претходните сознанија.
„Студијата потврдува дека помалото внесување црвено месо, а особено преработено месо, може да го намали ризикот од кардиоваскуларни заболувања, дури и кога се заменува со пилешко или мисиркино месо“, вели тој.
Растителните протеини се уште подобар избор
Иако замената на црвеното месо со живина може да биде корисна за срцето, истражувачите посочуваат дека постои уште подобра опција – растителните извори на протеини.
„Живината е подобра за срцето од црвеното или преработеното месо, но не е толку корисна како растителната храна, како јаткастите плодови, гравот или интегралните житарки“, истакнува Голдман.
Според анализата, гравот, леќата, јаткастите плодови и интегралните житарки покажале особено добри резултати.
Овие намирници обезбедуваат растителни влакна, здрави масти и растителни соединенија, како фитостероли, кои ги нема во месото. Истражувањата покажуваат дека исхраната богата со растителна храна е поврзана со пониски нивоа на LDL, односно „лошиот“ холестерол, во споредба со исхраната богата со месо.
Рафисон додава дека постои јасна поврзаност меѓу исхраната богата со растителни протеини и пониските нивоа на LDL-холестерол, што е поволно за здравјето на срцето.
Растителните извори на протеини, исто така, не содржат холестерол и вообичаено имаат помалку заситени масти и повеќе растителни влакна – комбинација која е поволна за кардиоваскуларното здравје.
А каде е рибата?
Анализата покажала дека замената на црвеното месо со живина е добар избор, додека замената со растителни протеини може да биде уште подобра. Но, се поставува прашањето каде се вклопува рибата.
Голдман објаснува дека резултатите се посложени.
„Во однос на ризикот, рибата главно е слична на живината, но ефектите зависат од тоа кој здравствен исход го разгледуваме“, вели тој.
Како пример наведува дека замената на живината со масна риба кај жените била поврзана со помал ризик од срцев удар.
Од друга страна, анализата покажала и дека замената на живината со риба била поврзана со поголем ризик од кардиоемболиски мозочен удар. Тоа, според Голдман, покажува дека рибата и живината не можат секогаш да се сметаат за меѓусебно заменливи кога станува збор за превенција на мозочен удар.
Затоа, според него, изборот на храна треба да се гледа како спектар, а не секоја намирница едноставно да се прогласува за „здрава“ или „нездрава“.
Мали промени наместо драстични диети
Експертите се согласуваат дека живината може да биде преодна намирница во процесот на намалување на внесувањето црвено месо, а не нужно крајната цел.
„Живината најдобро е да се гледа како чекор во вистинската насока, а не како крајна дестинација. Мали и реални промени, како замена на дел од црвеното месо со живина или дел од живината со растителни протеини, можат да донесат вистински придобивки за долгорочното здравје“, заклучува Голдман.
Тоа не значи дека повременото јадење стек или бургер автоматски е штетно. Сепак, научните докази укажуваат дека црвеното и особено преработеното месо не треба да биде единствениот, ниту секојдневниот извор на протеини. Гравот, леќата, јаткастите плодови, интегралните житарки, рибата и живината можат да бидат дел од поразновидна исхрана.



